МВР поднесе прекрошочна пријава против Х.С кој вчера како придружба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски физички нападна волонтер кој помага на поплавените во населбата Сингелиќ.

Се работи за активистот на Левица, Гоце Маркоски од Прилеп кој денеска пријавил дека вчера околу 12 часот на улицата „Томас Минцер” бил физички нападнат од Х.С. при што најпрвин го влечел за маицата, а потоа го удрил со тупаница во пределот на лицето од левата страна, но од физичкиот напад не се здобил со видливи повреди.

Маркоски во изјава за НОВА вели дека настанот се случил пред неколку часа во Сингелиќ.

„Појдов на Груевски да му кажам дека на населението не му требаат паради и сликање пред камери туку и суштинска помош. Еден од обезбедувањето, или не знам во која функција беше, тргна по мене и почна да ме бутка, по што ми удри бокс. Јас само отидов да му кажам дека не е сега време за сликање пред камери зашто луѓето се оставени сами на себе. Еве три дена нема никој кој да го собере ѓубрето што е овде“, вели Маркоски за НОВА.

Тој заедно со уште неколку активисти на Левица, самоиницијативно се организирале и отишле на лице место да помогнат на поплавените семејства.

Како што соопштија од МВР, до физичкиот напад дошло поради недоразбирање и вербална расправија околу давањето помош на локалното население зафатено од поплавите.

Од ВМРО ДПМНЕ демантираа дека лицето кое го нападна воплонтерот е дел од придружбата на Груевски и дека воопшто има врска со партијата.