Членовите на собраниската Комисија за надворешни работи гласаа денешната седница на која се разгледува договорот за добрососедство со Бугарија да биде затворена за јавноста.

Седницата е затворена за јавност на барање на премиерот Зоран Заев поради тоа што договорот иако усогласен, не е финализиран.

На новинарите им беше дозволен пристап само на почетокот на седницата кога се гласаше за затварањето.

Пред четири дена министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров во интервју за агенцијата Ројтерс изјави дека Македонија и Бугарија го усогласиле текстот на договорот за добрососедство.

„Потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија ќе го зајакне нашиот кредибилитет, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да градиме пријателства во нашиот регион“, изјави Димитров.

Засега не се откриваат деталите од постигнатиот договор, па ова денеска во Собранието ќе биде прво отворање на деталите од постигнатиот договор. По посетата на премиерот Зоран Заев на Софија, најавено е дека договорот би се потпишал на 1 или 2 Август, на заедничка прослава на Илинден на која ќе присуствува и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Минатата недела, при презентирањето на реформскиот план „3-6-9“ пред Комисијата за европски прашања, премиерот Заев најави дека нацрт-договорот со Бугарија ќе го стави на увид пред пратениците.

На 9 јули, по дводневната средба меѓу делегациите на министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Македонија во Софија соопштено е дека е „постигната основа за компромис за Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Следната фаза е консултации и внатрешни процедури“. Делегациите на министерствата беа предводени од министрите Екатерина Захариева и Никола Димитров.

„Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, ќе биде  потпишан на три јазици, македонски, бугарски и на англиски јазик. Со тоа што бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе го стави својот потпис практично ќе значи признавање на македонскиот јазик. За отстранување на термини од учебниците ќе одлучуваат експерти, но сѐ треба да се разјасни дури откако договорот со Бугарија ќе биде потпишан“, рече премиерот Заев.