Поранешниот разузнувач Слободан Богоевски вечерва е приведен од страна на полицијата на отслужување на затворска казна за случајот „Агент“.

Во судењето за „Агент“ кое траеше два месеца, шесттемина обвинети се товареа дека преку фиктивни договори и фиктивни фирми ќерки на кипарски „Централ балкан инвестмент“ и словенечки „Меркатор“ переле пари.

Тие го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на плацот со површина од 19.000 квадратни метри во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.

Обвинетите покрај казната затвор, треба да платат оштета околу 950.000 евра, средства кои, според пресудата, се смета дека се стекнати со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари.

Во почетокот на февруари годинава, Апелациониот суд ја потврди првичната пресуда, во која Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“, Митја Валич, се осудени на две години затвор, додека три години доби адвокатот Васко Томановиќ за финансиски малверзации.

Екс-потсекретарот за државна безбедност, последното интервју го даде за НОВА- на тема дали шпионирале и прислушкувале странски служби или се е дело на Груевски и Мијалков, како и тоа кој го снимал разговорот Заев- Груевски, и што може да очекуваат Заев и неговите партиски луѓе од власта.

Тој за вечерва имал закажано интервју кај Оливера Трајковска на 24 Вести, за што бил и најавен да гостува во емисијата, но поради приведувањето, откажано е неговото гостување.

>>Слободан Богоевски: “Процесот е одмазда кон мене”