Привремено е стопирана изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид од страна на кинеската компанија Синехидро. Првиот е поради ненавремено решени имотно-прави односи, а Кичево – Охрид поради изместување на трасата.

Двата автопата се градат со кредит од 500 милиони долари од кинеската Ексим банка. Ги гради кинеската компанија Синехидро, а подизведувачи се македонските „Гранит“ и „Бетон“.

Автопатот до Штип требаше да биде пуштен на 1 мај годинава, а Кичево – Охрид би требало да биде завршен до крајот на февруари 2018 година.

Овие информации пристигнаа по средбата на премиерот Заев со амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен, вчера.

Од владиниот кабинет соопштија дека наскоро ќе се одржи средба со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение.