Вчеравечер воДомот на АРМ се одржи промоција на книгата „Македонските мултиетнички загатки – од национализам, мултикултурализам и ‘Александар-манија‘ до етничка демократија“ од проф. д-р Петар Атанасов. Книгата е издадена на англиски јазик, во издание на издавачкатакуќа “LAMBERT Academic Publishing” од Саарбрикен Германија, којашто е специјализирана за публикување на академска литература.

Книгата е резултат на десет годишно истражување на етничките теми во македонското општество. Во книгата е опфатен периодот од 2004 до 2014 година и се обработуваат четири теми: периодот по Охридскиот рамковен договор, обидите за внатрешна интеграција и основата за тоа, потоа, со што и со кого се идентификуваат современите Македонци и за моделот на мултикултурализам – само идеја или реалност. Еве дел од вчерашното излагање на авторот:

„Мултикултурното општество треба да опстои доволно долго заедно, за да можат заедниците да се навикнат едни на други и да изградат заедничка доверба и да споделуваат заеднички интереси. Граѓаните и заедниците мора да пронајдат причина за заедништво и развој на држава што ќе ги задоволува нивните потреби, поаѓајќи од добриот животен стандард пасе до артикулација на сопствената културна матрица. Особено по 2001 година, беше потребно време за помирување меѓу обичните луѓе, но и период во кој чувството на сигурност ќе го гарантира личниот избор.“

„Во Македонија треба да се инвестира во заедничноста а не во различноста. Во демократските вредности а не во културните разлики. Менаџментот со етничките проблеми по 2001 година создаде простор и отвори врата за нивелација на структурните разлики меѓу заедниците. Ова денес отвора нов процес на прегрупирање на идеите и редистрибуција на енергиите во создавањето на инклузивно општество и почит кон сите сограѓани, независно од разликите.

Политиката и борбата за подобар живот се јавна работа и во јавната сфера се градат нови вредности. Изградбата на заеднички вредности е политички процес кој најчесто се одвива како инспирација по големи промени. Кога еден модел не ги дава очекуваните резултати, се бара дизајнирање на друг модел. Модел од кој мнозинството на граѓани во македонското општество ќе бидат задоволни и во кој секој ќе сака да придонесува.“

Петар Атанасов е редовен професор по социологија и комуникации на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Професор Атанасов во моментов ја обавува функцијата пратеник во Собранието на РепубликаМакедонија и е претседател на Комисијата за образование, наука и спорт.

Книгата ја промовираа проф.д-р Емилија Симоска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и г-дин Ѓунер Исмаил од Форум-Центар за стратегиски истражувања и документација.