Неколку илјади луѓе денеска се собраа пред Собранието на протест против уставните измени. Демонстрантите од движењето #Бојкотирам бараат итно и безусловно запирање на процесот на уставни измени, еднострано правно поништување на договoрот од Преспа, стриктно почитување на домашното и меѓународното јавно право, како и тајна заштита на името на државата, распуштање на Собранието и распишување вонредни парламентарни избори.
На протестот присутни се членови на повеќе здруженија меѓу кои „Христијанско братство“, како и на партијата „Единствена Македонија“. Организатор на протестот е Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес, а меѓу говорниците е и отец Ивица.
Присутните пред Собранието извикувааат: „Оставка“ и со ласер на зградата на Собранието испишуваа: „Оставка“ и „Предавство“.
Движењето #Бојкотирам го најави потестот преку социјалните мрежи како натпартиски, сенароден и ненасилен. Ги повикаа сите учесници да се воздржат од провокации, навреди, вандализам… За граѓаните беше организиран превоз од повеќе градови од државата.
Протестот е организиран од страна на Светски македонски конгрес, Бојкотирам, Глас за Македонија, како и Трета политика и Ленка.




