Најмалку 15 илјади припадници на ранливи категории на граѓани, како и нивните семејства, ќе останат без пристап до бесплатни средства за превенција и брзи скрининг тестови за рано откривање на ХИВ, ако државата не обезбеди  пари кои ги ветила.

Граѓанските организации и активистите кои работат на превенција на ХИВ денеска пред Собранието излегоа на протест и побараа државата итно да обезбеди пари за терапија и рано откривање на ХИВ.

Со транспаренти „Кој сака да ја зацрни Македонија“, „Со кои пари ќе лекувате уште 860 ново-инфицирани“ и „Сакате ли епидемија на ХИВ“, активистите ги повикаа Владата и Собранието итно да ги обезбедат потребните средства кои се обврзале пред меѓународните организации дека ќе ги одвојат за третман и превенција на ХИВ.

Тие се револтирани откако Владата во буџетот за 2017-та година предвидела само 27 милиони денари, износ кој не е доволен да ги покрие ниту потребите за живото-спасувачка терапија за една година.

Во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство.

Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони денари, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година. За првите 6 месеци од 2017 година, Македонија се уште се надева дека Глобалниот фонд за ХИВ и туберколоза ќе одобри да се искористат заштедените средства од грантот за да се покријат превентивните програми.

„ Уште еднаш јавно бараме од пратениците, Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство да го коригираат скратениот буџет за заштита на населението од ХИВ – во согласност со препораките на експертите. Тоа ќе спречи појава на епидемија на ХИВ и ќе го заштити здравјето на сите граѓани“, порача Андреј Сених од „Заедно посилни“ на денешниот протест.

Може да се спречат 290 смртни случаи

Тој додаде дека доколку се одржи досегашното ниво на финансирање за ХИВ и оптимално се распредели на програмите за превенција помеѓу групите изложени на најголем ризик и зголемување на бројот на лица кои ќе бидат на терапија, може да се спречат дополнителни 860 нови случаи на ХИВ до 2030 година и дури 290 смртни случаи.

За првите 6 месеци од 2017 година, Македонија се уште се надева дека Глобалниот фонд за ХИВ и туберколоза ќе одобри да се искористат заштедените средства од грантот за да се покријат превентивните програми.

„Доколку не се поддржи програмата со соодветен буџет Македонија во следниот период ќе се соочи со ХИВ епидемија. Она што се случува моментално во Црна Гора во Србија, затоа што државата не ги презеде интервенциите за превенција“, порача Христијан Јанкуловски од  организацијата ХОПС.

Организациите велат дека во изминатите 13 години Глобалниот фонд давал значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ.

„Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ инфекција, Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународна организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство јавно се обврзува дека ќе ги држи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство во Собранието“, велат од организациите.

Поддршка за барањата на активистите на денешниот протест дадоа и пратеничките Лилјана Поповска од партијата ДОМ и Јагода Шахпаска од СДСМ.