Денеска треба да продолжи собраниската седница на чија дневен ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Сите досегашни седум продолженија поминаа во меѓусебно реплицирање на помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и барањето оваа точка да се стави во мирување, се до локалните избори, бидејќи како што смета опозицијата, именување и разрешување функционери откако ќе се распишат избори е спротивно на членот 8а од Изборниот законик.

Завчера тензиите се подигнаа откако пратениците на ВМРО ДПМНЕ излегоа на говорница, за да спречат собраниското обезбедување да го отстрани нивниот пратеник Антонијо Милосошки од говорницата, откако тој сакаше да интервенира во однос на процедурата, без за тоа да добие збор од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери објасни дека со ваквите процедурални интервенции ВМРО ДПМНЕ, чии десет пратенички групи го нарече незаконски формирани, сака да ја одолговлече седницата, и дека членот 8а од ИЗ на кој се повикуваат не се однесува на Собранието, туку на извршната власт.

СДСМ соопшти дека за да се овозможи завршување на оваа дебата, пратениците од оваа партија се откажуваат од дискусиите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека пратениците нема да одат на годишен одмор сѐ додека не биде завршена оваа точка.

Пријавени за дискусија има уште 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (по 10 минути за дискусија), со право за реплики и контрарепликите (3 минути) и за процедурални забелешки (1 минута).

Десет координатори од ВМРО-ДПМНЕ имаат право да бараат по еден час пауза.

Како што објави НОВАТВ вчера, останувањето на Зврлевски на позицијата ја блокира работата и на МВР. Околу 150 инспектори, раководители, началници од МВР во моментов се ангажирани на привремени работни задачи во Јавното обвинителство на чие чело и натаму е Марко Зврлевски, дознава НОВА ТВ. Тие иако се вработени во МВР се под директна ингеренција на Зврлевски. На овој начин, велат извори на НОВА ТВ во МВР, Јавниот обвинител врши блокада на Министерството, бидејќи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нема контрола врз овие вработени.