Пишува: Љубиша Арсиќ

Зоран Иванов, поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, во период од 2017-та до 2019-та, пред претседателот Стево Пендаровски да го назначи Еролд Муслиу, стана професор на универзитет во Турција. Под нејасни околности за македонската јавност, но и за неговите претпоставени во Генералштабот (ГШ) на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ) каде што му беше последната работна позиција, тој ја напуштил државата. Зошто Иванов отпатувал тајно и се сокрил од генералите во АРСМ и од Министерството за одбрана?

Според информации од ГШ, тој при крајот на летото заминал на тримесечен неплатен одмор, а потоа, по истекот на одморот, на изненадување на сите колеги, не се појавил на работното место. Според процедурата, по неколку денови, откако сфатил дека Иванов нема абер да се појави на работа, ГШ го известило Министерството за одбрана кое пак било должно да изготви отказно решение.

Иванов е потенцијална опасност по безбедноста 

Сега, официјално Иванов повеќе не е вработен во армискиот штаб. Но, стравот го предизвикува сознанието дека тој поседува чувствителни податоци и информации од безбедносен карактер, како и државни тајни, со оглед на функциите кои ги извршувал бидејќи пред да стапи на директорската позиција во Агенцијата за разузнавање. Иванов беше началник во военото разузнавање, а има и искуство во извршување на операции во државата, како и во меѓународни мисии, дури е одликуван и со сребрена ѕвезда за храброст од Департментот за одбрана на САД како командир на воен контингент во Ирак.

Со целото негово искуство имал на располагање и многу доверливи информации од безбедносен интерес на државата, како и за земјите од регионот, па и пошироко. Имал релации и соработка со други припадници од националните безбедносни служби, како на пример со Горан Грујевски од Петта управа, кој, за разлика од него, избега во Грција, заедно со неговиот соработник Никола Бошковски по скандалот со прислушувањето.

Фото: ia.gov.mk

Ваквото заминување на Иванов во Турција отвора многу прашања – зошто ја избрал токму оваа земја, дали материјалите кои ги поседувал од годините поминати во безбедносните служби ги однел таму, соработува ли сега со странски разузнавачки мрежи, како и дали со него има дел од снимките од нелегалното прислушување?

Последното е како можност затоа што имал контакти со Горан Грујевски, за кого постојат сомнежи дека поседува голем број од снимените разговори со оглед на една од главните улоги кои ги имал во процесот на незаконско снимање на телефонски комуникации за што впрочем и се гони во
судски предмет.

Безбедносниот сертификат на Иванов 

Дополнително, согласно функциите кои ги извршувал, на Иванов му следел сертификат од високо ниво, имал право да знае и државни тајни, што го прави уште поинтересен лик во очите на странските разузнавачки служби. Изворите од ГШ пренесуваат дека надлежните во Министерството за одбрана побарале од Дирекцијата за безбедносни и класифицирани информации (ДБКИ) да му ја прекине важноста на сертификатот. Но, тоа е само формалност, никој не може на Иванов да му ги одземе информациите кои ги однел во Турција, уште помалку ако имал намера да ги продава.

Случајно или не, Иванов беше избран за директор на Агенцијата за разузнавање од страна на Ѓорѓе Иванов, на 27 март, или точно еден месец пред крвавите настани во парламентот со упадот на толпата, за чија организација пред судот одговараат видни вмровски функционери, како Трајко
Велјановски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, но и екс- директорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Иванов е вториот разузнавач со големи перформанси кој е надвор од земјата, по Горан Грујевски кој е во Грција. Со нивното напуштање на државата, евидентно е дека се ослабува безбедносниот систем на државата, особено ако се знае за нивните позиции, овластувања, но пред се нивниот пристап до безбедносни информации и класифицирани материјали.

Она што е интересно е дека и Зоран Иванов, и Горан Грујевски, пред да бидат назначени на високи
позиции во цивилниот разузнавачки безбедносен сектор биле високи армиски офицери кои служеле во специјалната единица „Волци“. Грујевски бил и командант на оваа единица и оттаму датира нивното познанство.

Податок кој заслужува внимание е дека по доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ во 2006-та година и назначувањето на Сашо Мијалков за директор на УБК, тој како поранешен раководител на службата за воено разузнавање во МВР донел значителен број колеги од оваа безбедносна служба, како и голем број армиски припадници кои беа поставени на високи позиции во МВР, како Сашо Митевски – Хитлер, Антонио Станкоски, Тони Јакимовски, покојниот Александар Боцинов и неколкумина други. Ваквиот начин на поставување партиски и лојални кадри на
чувствителни позиции, што беше пракса на претходната власт, ја оправдува потребата од Ветинг и во безбедносните служби, пред членството на државата во НАТО.

Од разузнувач до професор 

Несвојствено за агент од таков калибар е да исчезне од државата. Но, загрижува и фактот што заминува тивко, без никој да знае. И уште понелогично e тоа што се вработил како професор на Универзитет за економија и технологија или поточно на TOBB ETU во Анкара. Прашање е како човек од безбедносните служби, кој последната деценија градел кариера како разузнавач, наеднаш да смени професија во сосема друга област и така лесно да го симне багажот што го носи од тука.

Оние кои се занимаваат со разузнување знаат дека никој не може толку лесно да се откаже од навиката да биде постојано разузнавач. Но, ајде што Иванов сменил звање од разузнавач во професор, но зошто во Турција и зошто не ја напуштил армиската служба како што е ред, од кого се криел, па престанал да се појавува на работното место и молчешкум заминал?

Се обидовме на неколку начини да го пронајдеме лично Иванов и да му поставиме прашања поврзани со овој скандал. Профилот на Фејсбук му е затворен, односно може да го контактираат само избрани пријатели, но затоа отворен му е профилот на социјалната мрежа Linked In, како и контакт мејлот преку универзитетот во Анкара. Му испративме десетина прашања, но до објавување на текстот не добивме одговори, што може да се смета за очекувано.

Тука пренесуваме дел од содржината на прашањата, за да испровоцираме одговори од Иванов

  • Зошто тајно заминавте од Скопје, дали се криете од некого и зошто престанавте да се појавувате на работното место? Едноставно, зошто заминавте во Турција?
  • Што се случува со вашиот безбедносен сертификат?
  • Вам ви се доверени информации од висок безбедносен ризик, а поседувате и државни тајни, сето тоа отвора сомнеж за вашето заминување.
  • Имате ли комуникација со турските безбедносни служби? – Дали однесовте доверливи материјали во Анкара, можеби некои снимки од нелегалното прислушување?
  • Какви се вашите релации со Горан Грујевски оти сте имале средби со него, како пред настаните на 27 април, така и потоа?
  • Каква е вашата соработка со ВМРО ДПМНЕ затоа што на многу ваши постови на социјалните мрежи го тагирате Игор Јанушев?

Го мислеле на одмор, тој се вработил во странство

Негови пријатели кои можат да му го отворат профилот на ФБ ни ги покажаа неговите постови од последните месеци. Последниот му е објавен пред две седмици, на 23 ноември. Инаку, во јавните објави на социјалните мрежи посветувал внимание на недобивањето датум за преговори со ЕУ, критикувал дека Северна Македонија не го заслужила датумот оти не испорачала резултати.

Интересно е што многу често на постовите го тагира генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев, од кого најчесто добива лајкови затоа што постовите не пробудуваат многу интерес во неговиот круг пријатели. Оттаму и логичната претпоставка или прашање – дали Иванов ја организираше средбата на турскиот министер Чавушоглу со партиска делегација на ВМРО ДПМНЕ составена од Јанушев, Николовски и Мисајловски пред два дена во Истанбул?

Инаку, на сајтот на TOBB ETU во неговата биографија стои дека во 1999 година завршил Воена академија, во 2010-та магистрирал на колеџот за команда во Канзас, САД, додека во 2014-та докторирал на Институтот за национална историја во Скопје. Делот за работно искуство му е оставен празен. Најверојатно сфатил дека она што го работел тука е нерелевантно за позицијата која сега ја извршува таму.

Но, затоа на мрежата Linked In, мрежа која се користи за остварување бизнис релации, во детали има напишано од која до која година на каква позиција бил. Таму ги има набројано и ангажманите како разузнавач според кои се гледа дека тој 12 години бил дел од службите кои имаат доверливи и тајни информации. Професорската работа напишал дека му започнала од септември 2019-та до
денес, или тоа е период во кој, во ГШ, се водел на неплатен одмор, што значи додека неговите претпоставени знаеле дека е на одмор тој отпатувал во Анкара и се вработил без да ги извести надлжените служби во АРСМ.

Тогаш, зошто земал неплатен одмор од август до октомври, ако имал намера во септември да се
вработи во Турција? Едноставно можел наместо да користи неплатен, да си заминал согласно армиските процедури и слободно да се вработи. Но, токму тајноста во заминувањето ги отвора сите сомнежи дека нешто се крие во позадина.

Фото: tepav.org.tr

Од Министерството за одбрана, по нашите прашања, информираат дека Зоран Иванов искористил три месеци неплатен одмор по што не се појавил на работното место, без објаснување од негова страна. Поради тоа, по барање на ГШ, работниот однос му е прекинат. Генералштабот за прекинот на работниот однос на Иванов испратил известување до ДБКИ, со што му престанува важноста на
безбедносниот сертификат.

Но, што понатаму? – Ќе се остави овој разузнавач од висок профил така лесно да остане далеку, уште повеќе ако се знае што поседува како доверливи информации, па можеби и документи. За сега останува само да претпоставуваме зошто бегањето на Иванов е мистериозно, но ако се знае што работел и што поседува можеби и се намалува мистериозноста на случајот.