СДСМ денеска преку соопштение се обрати до институциите и вработените во нив да не подлегнуваат на насилните сценарија на Груевски и дека се должни да овозможат мирен трансфер на власта.

-Многу брзо ќе биде избран новиот собраниски претседател, а потоа и новата реформска Влада на граѓаните на унитарна Македонија, согласно Деловникот, Уставот и законите во Р.Македонија.Одлуката е на 700.000 граѓани изразенa на кредибилни избори, преточена во 67 пратенички мандати на парламентарното мнозинство, кое има право, но и должност да ги избере новиот собраниски претседател и новата Влада.Никола Груевски лаже за непостоечки теми, но не смее да се заканува со насилство. Тоа е противуставно и дело казниво по закон. Груевски има интерес да ја дестабилизира државата затоа што се надева дека така ќе избегне одговорност за криминалите. Укажуваме на институциите и на вработение во нив, дека има ново парламентарно мнозинство и дека се должни да ги овозможат демократските процеси согласно мнозинската волја на граѓаните од изборите, се вели во соопштението.

ВМРО ДПМНЕ пак, во соопштението истакнува дека „граѓаните на Република Македонија се револтирани бидејќи тие не се должни да ги плаќаат фактурите на аболицираниот криминалец Зоран Заев“.

-Криминогеното раководство на СДС е нервозно бидејќи не може да ги реализира ветувањата и исполни уцените. Затоа се обидоа да извршат пуч во Собранието на Република Македонија преку кршење на Деловникот и Уставот. Со цел да се замолчат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дебатираат за точките од Тиранската Платформа. СДС сакаше што побргу да започнат со реализирање на Тиранската Платформа. Затоа единствен излез од оваа криза во која СДС ја доведе државата се нови парламентарни избори. Преку нови избори граѓаните јасно ќе се изјаснат дали се за реализирање на Тиранска Платформа или не, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.