Социјалдемократискиот сојуз вели дека се неточни и тенденциозни тврдењата на телевизија НОВА дека Стево Пендаровски одбил ТВ дуел со Никола Попоски. Од СДСМ велат дека телевизијата не им испратила термини со точни саатници за дебатите и тие дури и писмено побарале од нив допрецизирање на термините за да можат да се договорат, но телевизијата, според нив, не одговорила. Во прилог СДСМ го испрати и писмото пратено до нив.

Поради тоа што еден дел од термините се предвидени за во истиот ден, други за наредниот ден од денот во кој е испратена поканата, СДСМ побара прецизна покана во која точно ќе бидат наведени термините. Кандидатите на СДСМ се секогаш подготвени за соочување пред јавноста, за разлика од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои бегаат од јавно соочување на други медиуми. Впрочем, СДСМ со години ги повикува кандидатите и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ на јавно соочување, а тие постојано одбиваат, затоа што се плашат од вистината.

Носителот на изборната единица 1 на СДСМ, Стево Пендаровски не се појави на дебатата со Никола Попоски и одби да одговори на поканите кои неколкупати беа испратени од наша страна, напиша телевизијата која е во сопственост на семејството на бизнисменот Сеад Кочан.

Кочан и новинарите на оваа телевизија неодамна беа официјално примени во кабинетот на претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов каде што зборуваа за слободата на говорот и професионалста на оваа куќа, пракса непозната во досегашната работа на институцијата Претседател на РМ. Уредувачката политика на неодамна отворената телевизија е препознаена како провладина во јавноста, а фирмите на семејството Кочан се корисници на тендери вредни и над 100 милиони евра од страна на владата. Една од компаниите работи и на автопатите кои се градат со кинеските кредити, а се шпекулира дека за компанијата има и истраги од страна на СЈО.