Владеачката партија попладнево реагираше на прес конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На барањата на Мицкоски не одговори премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев туку младиот пратеник Костадин Костадинов:

– Ја слушнавме истата стара приказна, на нова повторувачка прес конференција, изјави тој.

Мицкоски денес ги повтори познатите услови – избор на нов јавен обвинител, пржинска влада и анкетната комисија за референдумот. Но тој изнесе нов предлог: премиерот Заев јавно да се откаже од Договорот со Грција, потоа да се оди на избори, а после изборите да се формира ново јавно обвинителство кое ќе го замени СЈО и ќе ги доистражи прислушуваните разговори и сомнежите за криминал на оваа Влада.

Фејсбук статусот на Никола Груевски напишан во афект во 3 часот по полноќ, излезе низ устата на Христијан Мицкоски. Мицкоски сонува за две опции: Прво, Македонија да му даде амнестија на Груевски, второ Македонија да се откаже од НАТО и ЕУ. Единствено за Мицкоски, и само за него, договорот со Грција е мртов. Во момент кога цел свет дава поддршка на Македонија, Мицкоски му врти грб на целиот  свет, само за да го спаси Груевски. Мицкоски е против цела Македонија и против целиот демократски свет. Она што Мицкоски денеска го побара е спротивно од она што граѓаните го очекуваат и заслужуваат. Затоа, бадијала сонува, овие желби на Мицкоски нема да се остварат.

Според Костадинив, “огромно мнозинство од над 80% од граѓаните се за НАТО и ЕУ и затоа стратешката определба на Македонија мора да биде почитувана. Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по секоја цена одат спротивно од тоа, тогаш единствен излез се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш”.

На крајот додаде дека “огромно граѓанско мнозинство очекува правда над криминалите на фамилијата и затоа нема амнестија за криминалот”.