Во предлогот на ЗВО може да се најде небулозна одредба за најдолгиот В.Д. мандат за било која функција, а тоа е одредбата дека ректорот може да именува ВД декан за мандат од 2 години. Понатаму, се намалуваат овластувањата на ННС, а се зголемуваат на деканската управа. Замислете ставена е одредба со која деканска управа ги носи сите акти, освен оние кои се дадени во надлежност на ННС, а секое демократско размислување би барало обратно, како што е во законодавствата во регионов. Она што е најсимптоматично е што министерката Весна Јаневска го крие тимот кој го пишувал законот. Тоа може да значи неколку работи: или нема тим, туку партиски извршители кои треба да ја спроведат агендата со лични/партиски интереси, или „тимот“ и подметнал „кукавичјо јајце“ и ја остава нејзе сама да се компромитира и да го брани она што е неодбранливо.
Рената Дескоска
Во време кога е актуелна расправата за носење на нов ЗВО во неколку наврати беа изнесени тврдења дека виновник за тоа што ниеден универзитет од земјава не е меѓу првите 1000 универзитети на Шангајска листа е ЗВО од 2018 година, затоа што не пропишал нужен услов за избор во звање да биде објавување во списанија кои се индексирани во Web of Science.
Вистината е малку поинаква: Ниеден универзитет во Македонија до сега никогаш не бил на Шангајската листа, ни во времето на „Законот на Рената Дескоска“ (како што милува министерката Јаневска да го нарекува ЗВО од 2018), ни во времето на „Законот на Нино Тодоров“ (како што еднаш го нарече претходниот закон кој пропишуваше услов за напредување да биде објавување на трудови во Web of Science).
Факт е дека сите сме се обидувале на различни начини да ја реализираме желбата за подобро рангирање на универзитетите во Македонија. Секој на различен начин – некој со метод на принуда и казнување, други со метод на стимули и награди. Тоа се два сосема спротивни пристапи кои всушност го отсликуваат и методот на владеење и идеолошкиот пристап генерално.
ЗВО од 2018 кој е сега важечки или „Законот на Рената Дескоска“ го применува методот на стимулирање на објавување во престижни списанија и предвидува два вида на финансиска компензација за тоа. Имено, според постојниот закон МОН ги надоместува трошоците платени за објавување во индексирани списанија и доделува парична награда за тоа. И тоа се стимулативни мерки.
„Законот на Нино Тодоров“ и „Законот на Весна Јаневска“ преку принципот на принуда и притисок се обидуваат да го зголемат бројот на објавени трудови во индексирани списанија, предвидувајќи го како неопходен услов за напредување и избор во звање.
Она што е небулоза во предлогот на ЗВО кој сега се дебатира е што за избор предвидува тешко, а во некои области и неостварливи услови, како и услови кои не зависат од кандидатите. На пример се бара кандидатите да имаат одредена висина на h-индекс, кој се определува според тоа колку Вашите трудови се цитирани. Значи, се пропишува услов кој не зависи од кандидатот, туку од тоа колку ќе Ве цитираат. Ако се бара исполнување услови, треба тоа да се услови кои лицето кое конкурира може самостојно да ги исполни, а не исполнувањето на условите да зависи од дејствија на други лица.
Постојниот ЗВО од 2018 е закон кој содржи реални услови кои се достижни. За жал, се покажа дека на некои факултети одредени лица не можат да ги исполнат и тие услови и беа вршени избори без исполнување дури ни на овие ниски услови, како што милува да каже министерката Јаневска. И тука се поставува прашањето, што таа направила за да се почитуваат и овие “ниски услови за избор” во ситуации кога знаела дека дури ни тие не се спроведуваат. Замижала, веројатно за да не се замерува со некои лица блиски до оние кои ги избирале без да ги исполнат и овие услови за избор.
И тука доаѓаме до најлесното правило за однесување во Македонија: полесно е да го смените законот, отколку да го спроведете. Сега ќе се покачат условите за избор, па за оние на кои власта им е благонаклонета, ќе се замижи ако не ги исполнуваат условите (како што се прави очигледно), а на другите „ќе им се покаже вратата“.
Предлогот на ЗВО кој се дебатира деновиве содржи толку нереални услови за избор во звање, што почнувам да се сомневам дека тоа е намерно направено за да се одвлече вниманието од други одредби кои се всушност вистинската цел за измена на законот. Тоа е како уставните измени кои беа предложени во 2014 година, кога јавноста „трчаше“ по предлогот за уставна дефиниција на бракот, а всушност главната измена која беше планирана беше Македонија да стане слободна финансиска зона или како што многумина оценија тогаш „пералница на пари“.
А кои се тие одредби кои изгледа се вистинската цел на законот, а кои никако не се споиви со наводната цел за зголемување на квалитетот на високото образование:
- Непотизмот – да се вработуваат децата на како што вели министерката Јаневска „докторските“ и “правничките“ фамилии. Веројатно, има и други фамилии со амбиции за вработување на своите деца кои не ги споменува.
- Преземање на кадар од еден на друг универзитет – ова е „мала“ врата за полнење на УКИМ со лица кои не можат да поминат на конкурс на кој може да им конкурираат и други кандидати, па ќе бидат примени на друг универзитет каде ќе немаат конкуренција на конкурсот, а потоа ќе бидат трансферирани на УКИМ, без конкурс, без конкуренција. Слично на проектот „Македонски шуми“, каде што порано вработуваа лица, а потоа ги трансферираа преку преземање во престижни институции, на кои ако се распишеше конкурс ќе имаше конкуренција за вработување. Суштината на изборот во звање е јавен и отворен конкурс, а не „мала врата“ за трансфер. Во универзитетските кулоари, веќе се шушкаат имињата на тие кои треба да бидат трансферирани.
- Продолжување на мандатите на ректорите и деканите, со можност да бидат избирани повеќе од два пати. Не е логично да велите дека целта Ви е подобрување на квалитетот на образованието, а да ги продолжувате управувачките мандати на оние кои најмногу треба да придонесуваат во науката, кога е јасно дека кога водите институција речиси е невозможно од премногу административни работи да се посветите на наука. Тоа може и да се види од биографиите на некои декани кои имаат „дупка“ во листата на објавени трудови во периодот додека биле декани. Така што, законот треба да го намали мандатот на ректорите и деканите на 2 години, а не да ги зголемува на 4. Плус во предлогот на ЗВО содржана е можност едно лице да биде избрано повеќе од два пати за ректор или декан, бидејќи забраната се однесува само на последователноста на мандатите, а не и на вкупниот број мандати. Дополнително, постојните декани и ректори, кои имаат еден или два мандати по сегашниот закон, по донесување на новиот ЗВО ќе можат веднаш да се кандидираат повторно, затоа што не е предвидена одредба дека мандатите по ЗВО од 2018 им се земаат во предвид.
Понатаму, проблематични одредби се одредбите за централизација на универзитетите и упадот во автономијата. Во предлогот на ЗВО може да се најде небулозна одредба за најдолгиот В.Д. мандат за било која функција, а тоа е одредбата дека ректорот може да именува ВД декан за мандат од 2 години. Понатаму, се намалуваат овластувањата на ННС, а се зголемуваат на деканската управа. Замислете ставена е одредба со која деканска управа ги носи сите акти, освен оние кои се дадени во надлежност на ННС, а секое демократско размислување би барало обратно, како што е во законодавствата во регионов.
Она што е најсимптоматично е што министерката Весна Јаневска го крие тимот кој го пишувал законот. Тоа може да значи неколку работи: или нема тим, туку партиски извршители кои треба да ја спроведат агендата со лични/партиски интереси, или „тимот“ и подметнал „кукавичјо јајце“ и ја остава нејзе сама да се компромитира и да го брани она што е неодбранливо.
За разлика од сега, групата која го работеше ЗВО од 2018 година беше јавно објавена и таа со гордост и со задоволство се сликаше по успешно завршениот процес. Тоа беше работна група која беше составена од претставници од Универзитетите, Професорскиот пленум, Студентскиот пленум, синдикатите и професори-експерти по номотехника и право. Процесот на носење на ЗВО во 2018 година не беше нималку „шверцерски“. Напротив, беше долготраен и инклузивен, со внимателно планирани и спроведени чекори. Процесот почна уште во јуни 2017 година кога беше формирана работна група за утврдување потреба за измена на ЗВО. Паралелно со таа група се работеше и на Националната стратегија за образование во која исто така се разговараше и за високото образование. Потоа следеше работна група за подготовка на ЗВО која работеше се до мај 2018 година кога се донесе законот. Во текот на периодот јуни 2017-мај 2018 беа спроведени јавни расправи и консултации и беше направен обид да се најде „заеднички јазик“ во интерес на академската автономија, академската слобода, студентското самоорганизирање, квалитетот на образованието, деконцентрацијата на моќта на деканите и ректорите.
И тој закон, по неговото усвојување е единствен ЗВО кој „преживува“ еве веќе 8 години без некои позначителни измени. Факт е дека некои одредби не заживеаја целосно и не се применуваат доследно, како на пример одредбите за избор во звање (кои се кршат и се избираат лица без почитување на процедура и без исполнување на услови), одредби за услови за работа на приватни факултети (одредба за минимален број вработени наставници и број на факултети), одредби за положба и улога на универзитетските и факултетските органи (концентрација на моќ кај некои декани и декански управи), факт е дека отсуствува евалуација и сл. Но, нивната непримена е одговорност за пропуштање на вршење на надзор и надлежностите од страна на МОН дури и во ситуации кога прекршувањата им се познати.
Затоа и овој пат се оди по полесниот пат: да го смениме законот, а не да го примениме.
Извор: Фејсбук




