Четвртата недела во Собранието не носи ништо ново. Цел ден продолжуваат реплики, контратеплики и процедурални забелешки а на кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека т.н Тиранска платофрма е закана за Македонија, додека пратениците на СДСМ тврдат дека постои само владина програма.

Помеѓу обраќањата, најзабележлива беше размената на реплики помеѓу Петре Шилегов од СДСМ и Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Шилегов на птседавачот со седницата Трајко Вељаноски му се обрати дека четири недели претседавал нелигитимно и дозволувал собраниската говорница да биде злоупотребувана за ширење лаги.

– Од ВМРО, ДПМНЕ не бидува бидејќи лажете за сопствените потреби, а сте најголемите предавници во историјата на Македонија. Вие поддржувате човек кој го урниса уставниот поредок во државата. Има ли поголемо предавство од тоа? Да ја сакавте Македонија како постојано викате цело време, немаше да ја испокрадете. Вие немате визија за нејзината иднина, туку единствена цел а тоа е како да се спасите од криминалното влијание. Да имавте визија ќе знаевте дека е добро, нејзиниот претседател да го почитува Уставот и дека е добро во Македонија да се развива демократскиот процес и ќе заминевте во опозиција, рече Шилегов.

На тоа Мукоски одговори дека двете партии се разликувале бидејќи СДСМ по секоја цена сакале да дојдат на власт.

–  Ако за вас нереален мит е ВМРО-ДПМНЕ, за нас тоа е вистина, историја и традиција. Работата е кај вас, бидејќи ви подадовме рака за да најдеме решение а сте се стапиле како слеп за стап да дојдете по секоја цена на власт. Прифаќате документ, декларација или платофрма која удира по уставниот поредок. Имате два избори, едната е да ја прифатите и да одете на нови избори, а другата е да ја отфрлите и да одите во власт со наша поддршка, потенцираше Мукоски.

Шилегов продолжи со тврдењата дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ манипулираат.

– За вас е нормално да го кршите Уставот а нам ни велите дека го правиме тоа. Ниту вие, ниту Иванов не го почитувате Уставот. Не сакате да ја предадете власта и измислувате митови за потребите на заштита на слободниот интерес на криминалната врхушка на која припаѓате. Измисливте тиранска платформа и ја пропагирате.  Ние кога да веруваме на албанските лидери? Кога кажуваат дека се договориле со вас за се освен за СЈО или кога тврдите дека тие потврдиле постоење на платформа? Не можете нам да ни импутирате нешто што немаме направено. Кои сте вие? Што се замислувате? Што мислите дека сте да им кажувате на другите какво политичко поведение да имаат? Немаже да ја ограбувате Македонија да ја сакавте ко што тврдите, им порача Шилегов на своите сопартијци од спротивниот табор.

Мукоски им порача на СДСМ за сите недоумици за тоа кому граѓаните ја дале поддршката, можат да се рачистат со нови избори.