Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер за Дојче веле на македонски потврди дека една од темите во неговите разговори во Атина, каде има средби овие два дена, е и Македонија.
Министерот за надворешни на Шведска, Карл Билд, со порака- ги повикува двете страни на конструктивност во преговорите.
„Сигурен сум дека патувам за Атина добро подготвен. Секако дека мојата подготвеност се однесува и за односите меѓу Грција и Македонија за кои сигурен сум дека ќе се разговара. Со Грција ќе разговарам за сите отворени прашања – како оние што се однесуваат на Европската Унија, така и за економската криза и односите со соседите“, изјави Франк-Валтер Штајнмајер, одговарајќи на прашање на ДВ: дали на разговорите кои ќе ги води во Атина тема ќе биде и Македонија и грчката блокада на европските интеграции на земјата?
Пред посетата на грчката престолнина, тој вчера попладне во Берлин имаше разговори со шведскиот министер за надворешни Карл Билд. ДВ го праша шведскиот дипломат: каков ќе биде неговиот ангажман за надминување на долгогодишниот спор кој ги попречува евро-атлантските интеграции на Македонија?
„Скопје и Атина треба да бидат конструктивни. Да бидат подготвени да направат компромис кој е евидентно во интерес на двете земји и со кој ќе се овозможи Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ, кои ги сметам за неопходни. Тоа е потребно за стабилноста со што ќе се покаже дека земјата оди нанапред. Македонија подолг период е во застој кој сметам дека треба да биде „прекршен“. Но, затоа е потребна добра волја од двете страни: и од Скопје и од Атина“, изјави за ДВ Билд.

