Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денеска соопшти дека е надлежно за 34 предмети, вклучително и на предметот познат во јавноста како Пуч.

– Во оваа насока Ве известуваме дека дополнително е утврдено дека од доставените предмети уште два предмети се поврзани со изборни нерегуларности, така што бројот на предмети кои се однесуваат на изборни нерегуларности на кои ова Јавно обвинителство има воспоставено стварна надлежност изнесува 16, се наведува со соопштението, во кое уште се додава дека „предметите на Основното јавно обвинителство Скопје РО.бр.2362/15 и РО.бр501/15 се вратени на постапување на надлежното основно јавно обвинителство“.

– Исто така Ве известуваме дека во рамки на законски предвидениот рок доставен е и предметот од Основното јавно обвинителство Куманово, а воедно донесени се одлуки за надлежност за сите предмети кои беа доставени до ова Јавно обвинителство од Основните јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, наведуваат од СЈО.

– Она што исто така е значајно да Ве известиме е дека во текот на денешниот ден од лидерот на политичката партија СДСМ ќе биде побарано доставување на материјалите од незаконски следените комуникации, а кои ги поседуваат и за кои изразија подготвеност дека ќе ги достават на наше барање, се вели во соопштението.

Од СЈО натаму велат дека за предметите за кои во текот на минатата недела од страна на јавноста било побарано да бидат преземени од ова Обвинителство, како што се предметите познати во јавноста како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“ , „за сите овие предмети ќе се произнесеме дополнително, откако ќе бидат прибавени материјалите од незаконски следените комуникации и ќе се пристапи кон нивно преслушување и анализа“.

– Секако, во моментот кога ова Јавно обвинителство ќе има конкретни информации за овие предмети и кога овие предмети и формално ќе бидат побарани со цел донесување одлука за стварна надлежност, јавноста навремено ќе биде известена, се истакнува во соопштението.
Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите денеска исто така соопшти дека располага и со сите 13 барани истражители.

Во соопштението воедно се истакнува дека СЈО се уште нема одговор од ниту една од институциите до коишто поднеле барање во однос на Законот за јавнообвинителската служба, поради што во моментов ги разгледуваат законските можности за натамошно постапување.