Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 53 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Официјални делегации и претставници на институции утрово на Градските гробишта во Бутел ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес.
Во Културно-информативниот центар-Скопје, од 9 до 17 часот ќе биде реализирана традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии. Ќе бидат изложени 50 врамени фотографии од активностите на Црвениот крст на Република Македонија за мигрантската криза. Ќе бидат доделени благодарници и признанија за сите соработници, поддржувачи и волонтери кои дале придонес во ублажувањето на хуманитарните потреби на лицата кои минале низ нашата држава.
Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“ што ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63-Хроника на една катастрофа“ на фотографот Бошко Фржоп од Хрватска. Ќе бидат прикажани и пет кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вердан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓокович. Потоа концертен настап ќе имаат групите СИЗ, Stuttgart Online и YOU.
Во Музејот на Град Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје 1963-виртуелни изложбени тури“, каде пред присутните ќе се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година беше во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000 и над 200.000 луѓе останаа без своите домови.




