Граѓаните кои ги знаат основите на финансиите и ризиците во финансиите полесно ќе се справат со предизвиците кои ги носи оваа сфера. Само едуцирани и информирани потрошувачи може да донесат правилна одлука и да изберат вистински производ е пораката на денешното отворање на Деновите за финансиска писменост што го организираат Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и КХВ.
„Со покревање на свеста и знаењето за финансиска писменост ќе избегнеме во иднина да ни се случуваат работи како ТАТ, како „one coin“ како и останати современи шеми кои секојдневно не демнат сите нас, рече гувернерот Димитар Богов кој додаде дека глобалната криза покажа дека многу од проблемите што се случија се поради недоволна информираност и недоволно знаење на граѓаните и потрошувачите и оние кои ги користат производите на финансиската индустрија.
Порачувајќи на внимателност, рече дека најдобар потрошувач е едуциран и информиран потрошувач кој може да донесе правилни одлуки и да го избере вистинскиот производ.
Во насока на поголема финансиска едукација во наредните три дена граѓаните можат да се информираат за сите прашања од областа на финансиите и да ги посетат штандовите во рамки на Деновите за финансиска едукација.
„Можат да добијат информации за буџетот, за камати, како да се штеди, како да се земе кредит, како да се осигураат од ризици, како да се заштат од кражби при интернет трансакции и слично, а може да дадат и сугестии за подобрување на граѓанскиот буџет“, порача министерот за финансии Драган Тевдовски.
На Деновите на финансиска писменост присуствуваат претставници на финансиски институции како банки, штедилници, друштва за осигурување, друштва за управување со инвестициски фондови, друштва за управување со пензиски фондови, како и микрофинансиски институции.

