Собранието на Република Македонија денеска со 70 гласа „за“, без воздржани и против, го донесе Законот за зголемување на минималната плата, со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки. За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.

Според пратениците од опозицијата, со Законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Овој закон, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.

Пратениците од парламентарното мнозинство ги негираа обвинувањата, истакнувајќи дека Законот не е предизборен политички маркетинг, туку дека како лево ориентирана партија предлагаат закони кои имаат социјална димензија.

– Ако Законот не е издржан, зошто не поднесовте ниту еден амандман да го подобрите текстот на законот, праша Васко Ковачевски од СДСМ.

Според пратениците од СДСМ со Законот се враќаат парите кај граѓаните со ниски приходи, ќе придонесе само да има правилна распределба на приходите и граѓаните да се чувствуваат рамноправни, додека со субвенционирање ќе се покријат 70 проценти од трошоците на работодавците за исплата на минималната плата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека првиот закон за минимална плата во Македонија е донесен во нивно време и дека до 2012 година немало дефинирано единствена минимална плата на национално ниво. Според нив, предложениот Закон треба детално да се разгледа бидејќи има многу мани, потенцирајќи го нормираниот учинок, кои ќе донесат проблеми понатака при исплата на минималната плата и ќе предизвика економски штети.