Собранието денеска во 14.30 часот ќе одржи седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на законите договорени од страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино, за одржување на предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.
Станува збор за измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка и на Изборниот законик. Законите ќе се носат по скратена постапка, а предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Илија Димовски и Горан Сугарески, како и Артан Груби од ДУИ и Беким Фазлиу од ДПА.
Како што најави и американскиот амбасадор Џес Бејли кој е медијатор во разговорите, следната средба претставниците на политичките партии ќе се одржи на 31 август.
Ако се оди според договореното Собранието треба да се распушти на 10 октомври.
За преодна влада сто дена пред избори, ќе се менува Законот за Влада.




