Тероризмот, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе, производството, трговија и дистрибуција на дрога, трговија со оружје, економски крминал корупција и компјутерски криминал, се главните безбедносни ризици со кои се соочуваат земјите на Југоисточна Европа (ЈИЕ), изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето пред учесниците од Годишниот состанок на комисиите за одбрана и безбедност на парламнетите на земјите од ЈИЕ.

„Република Македонија посебен акцент дава на борбата против тероризмот како моментална асиметрична закана која е високо на агендата на службите што го спроведуваат законот. Имајќи ја предвид поврзаноста на тероризмот со насилниот екстремизам, односно верската хетерогеност на наслението во Македонија сосема јасно може да се препознае опасноста од етнички мотивиран насилен екстремизам што води кон тероризам“, рече Спасовски.

Значајна поддршка на тероризмот и насилниот екстремизам се  информатичко-комуникациските технологии, особено социјалните мрежи, форуми, сајтови, но во овој период, истакна Спасовски, не се идентифкувани безбедносни индикатори што претставуваат можна дестабилизација на безбедбносната состојба во Македонија преку криминално-терористички групи и учество на македонски државјани во исламистички паравоени формации.

Во однос на криумчарењето мигранти како криминална активност, Спасовски посочи дека таа е и натаму актуелна, а интензитетот на криумчаерењето се менува во зависност од политичките одлуки и преземените мерки во земјите во регионот и во Европската Унија (ЕУ).

На панелот насловен „Современите безбедносни ризици“ се обрати и потпретседателот на македонското Собрание Фросина Ташевска Ременски која, исто така, истакна дека од безбедносен аспект новите современи текови, миграцијата носи потреба од зголемена соработка на земјите на ЕУ со земјите од Балканот.

„За Република Македонија, од исклучителна важност е интегрирањето во ЕУ и НАТО за да можеме да бидеме дел од глобалните процеси на заштита на националната безбедност и гарантори на регионалната безбедност, да бидеме рани детектори и попречувачи на субверзивните делувања на странски разузнавачки служби кои немаат интереси  регионот да биде интегриран во ЕУ и НАТО. Да најдеме модалитети како да се справиме со информациско-пропагандистичкото делување како метод на делување на разузнавачките служби што не’ прави многу поранливи и понеподготвени да препознаеме лажна вест која може да генерира политика која нема да соодветствува на реалноста  и секако не помалку важно, изворите на финансирањето на екстремистичките групи“, рече Ременски.

Според  Џефри Голдстајн шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во однос на миграцијата рече дека  ОБСЕ работи на координирање на контакт центрите на земјите од регионот со цел решавање на проблемите во реално време.  За таа цел, согласно нивниот план за работа за 2019 и 20120 година тој се надева дека ќе можат да помогнат да се создаде заеднички центар за контакти на границата помеѓу Македонија и Грција.