Според американскиот фонд за управување со средства „Итон Ванс“, Македонија е една од најатрактивните дестинации за инвестирање во Централна и Источна Европа и е на пат за побрза интеграција кон ЕУ, пишува Блумберг.
„Итон Ванс“ е фонд за управување со средства од Бостон, кој инвестирал околу 15 милијарди долари само на хартии со фиксен принос на земјите во развој. Оттаму велат дека ги преферираат хартиите од вредност на Македонија деноминирани во евра, бидејќи очекуваат Македонија да го следи истиот пат за интеграција кон ЕУ, како Полска, Унгарија и Словенија.
Приносите на нивните обврзници паѓале во претходните две децении, како што овие земји напредуваа и на крај се зачленија во ЕУ, што предизвика „Итон Ванс“ да бара слични успешни приказни во порана фаза на развој.
-Нивното место е во ЕУ, вели Мајкл Кирами, ко-директор во „Итон Ванс“, во интервју на форумот „Еуромани“ во Виена.
Блумберг ја пренесува и изјава на министерот за финансии Драган Тевдовски кој учествува на оваа конференција, според кого Македонија очекува значаен прилив на странски директни инвестиции, како што се придвижуваат евроатланските интеграции, а исто така се очекува Македонија да привлече повеќе финансиски инвеститори од странство преку развој на секундарниот пазар на обврзници.

