Пишува Љубиша Арсиќ

Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, иако имал законска обврска, не донел одлука за прогласување на финансиска нестабилност на општината, ниту пак ги известил општинскиот совет, Министерството за финансии, Министереството за локална самоуправа и Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) дека виси на конец опстанокот на туристичкиот центар на Охридското езеро. Во последниот извештај на ревизорите е заклучено дека Струга нема финансиска кондиција затоа што сметката е блокирана подолго од шест месеци и затоа што во период од шест месеци, континуирано секој месец, вкупниот износ на неизмирените обврски над 60 дена, надминува 80 отсто од реализираните приходи на основниот буџет на општината во претходната година.

За да биде ризикот уште поголем, општината продолжила со несвојствени активности за финансискиот колапс во кој е западната. Имено, финансира нови капитални проекти и инвестиции кои секоја година се зголемуваат, редовно спроведува постапки за јавни набавки со кои се зголемуваат финансиските обврски, и сето тоа во време кога ниту еден градоначалник или совет не донеле мерки за надминување на финансиската нестабилност која се провлекува со години.

Нема полза ниту од туристичката такса, ниту од плажите

Во тоа што го нотирале ревизорите за Струга практично се крие одговорот зошто општината полека тоне. Едноставно, постојат милионски суми што општината, доколку е екипирана, способна и функционира законски, може да ги наплати, но тоа не го прави. Во 2018 година во буџетот на општината се уплатени само 45.000 евра на име краткотраен закуп на градежно земјиште во државна сопственост наменето за плажи. Од 2011 година на општина Струга и е пренесено правото за располагање со државно градежно земјиште, а со тоа таа ги наследила сите договори што ги имало склучено Министерството за транспорт и врски со закупците на плажите.

Во врска со ова, ревизијата утврдила дека од вкупно 11 плажи, осум склучиле договори во 2010 година, додека другите три склучиле во 2011 година. По истекот на договорите, шестмина од закупците во 2012 година не доставиле барање за потпишување анекс на договор поради што не им се продолжени договорите. Со оглед дека договорите се сметаат истечени, треба да се организира јавно наддавање. Од 2012 година наваму, општина Струга не објавила ниту еден јавен повик за користење на овие плажи, што создава можност плажите да се користат од страна на дотогашните или нови закупци, без регулирани права и обврски, што придонесува да не се остваруваат приходи во општината.

Петмина закупци склучиле анекс на договори, но кога нивните договори истекле во 2014,
односно, 2015 година, и за овие плажи не се организирани јавни наддавања. За ова биле
известени надлежните инспекции, но ниту една не презела потребни дејствија. Во 2016 година против закупците поднесени се тужби. Со седум закупци на плажите тужителот и тужениот решиле да направат порамнување и заостанатите долгови да ги платат на рати, но само двајца од нив го исплатиле долгот.

За уште поголем срам или поголема неодговорност може да се зборува во врска со наплатата на туристичката такса. Во последните две години општината прибира по околу 80.000 евра од туристите, што е минимална сума за туристички центар. А, како и би можела општината да наплати повеќе кога нема точни податоци за бројот на објекти кои нудат сместување и услуги за туристи кои би биле предмет на инспекциски надзор. Дополнително, овој надзор го врши само еден инспектор.

Тоа отсуство на контрола и неорганизираност на општинските власти им овозможува на многу туристички работници да премолчуваат за вистинската бројка на гости. Инаку, средствата од оваа ставка се користат за општа туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите. И затоа овие пари се користат според посебно донесени програми. Со увид во програмата на општина Струга е утврдено дека во 2018 година, како и годината пред неа, биле планирани по 17 активности за развој на туризмот што не се реализирани во целост, туку парите биле пренаменети за други цели што пак ја отвора дилемата за негрижа кон туризмот.

Парите од јавната чистота и паркинзите не завршуваат во општината

Мозаикот од несобирање приходи е поголем. Општината губи пари и од таксата за јавна чистота и од наплатата на паркинг. Имено, според програмата на општината за одржување на јавна чистота, предвидено е тоа да го прават четири јавни претпријатија, со што се покрива и околната рурална средина. Наплатата на надоместокот се врши од страна на јавните претпријатија и не се пренесуваат средства на сметка на општината.

Истата незаконска процедура се применува и при наплата на паркинг, што значи дека Општина Струга не остварува приход по основ на комунална такса за користење на простор за паркирање. Општината располага со паркинзи со кои стопанисува јавно претпријатие. Јавното претпријатие
има донесено одлука за регулирање на паркирањето, начинот, условите, времетраењето, но и наплатата на услугата, и иако има обврска да ја наплаќа комуналната такса и да ја пренесува на сметка на општината, сепак не постапува според закон. И ова е така неколку години.

Со увид во аналитичката евиденција на побарувањата по основ на надомест за утврдување правен статус на бесправно правни објекти, од страна на ревизорите е утврдено дека во четири случаи, со вкупен износ од 30.000 евра, ненавремено или не се преземени мерки за наплата на побарувањата. Ваквиот начин на работење не е во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објект од страна каде што е јасно прецизирано дека овој надоместок може да се плати во рок од десет работни дена или одложено на 12 рати за што е неопходен договор.

Не постои целосна наплата на данокот на имот 

Постои нецелосна наплата и на данокот на имот затоа што не е извршена поделба на надлежностите и одговорностите кај вработените што придонесува контролите да не функционираат. Не е спроведена обука на вработените за користење на софтверот за даноци на имот, нецелосно воспоставените интерни контроли не се во согласност со Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и тоа влијае за нецелосна наплата. Со увид во сметководствената и даночната евиденција е констатирано дека не е извршено целосно ажурирање на регистарот на недвижен имот, што значи при промената на сопственоста на имотот се уште има имоти кои не е евидентирани.

Понатаму, за најголем дел од легализираните градби имотот не е евидентиран во даночни евиденции, изготвени се решенија кои не се евидентирани, по извршените купопродажби на имоти за некои од даночните обврзници не се врши поднесување на даночна пријава со денот на стекнување на имотот, не се даваат редовно опомени до сите даночни обврзници за побарување за данок на имот и досега не се преземени мерки за присилна наплата. Наведените состојби имаат влијание на целосната наплата на даночните приходи кои се значаен извор на приходи. Ова не е во согласност со поголем број на членови од Законот за даноци на имот и има ефект со нецелосно
и нереално утврдување на даноците и доведување во повластена положба на одредени даночни обврзници и остварување помали приходи во општината.

Не се запишуваат нови обврзници за комунална такса

При оценка на системот на внатрешни контроли кај процесот на утврдување и наплата на приходи по основ на комунална такса за фирми утврдено е дека постои ризик од нецелосно и неточно утвдување на приходот поради тоа што во процедурите не се јасно дефинирани одговороностите при утврдувањето, наплатата, контролата и доставата на решенијата на комуналната такса за
истакнување фирма. Понатаму, запишале ревизорите, не е спроведена обука за користење на софтверот за комунални такси, за 2018 година не е извршено целосно усогласување на регистарот на обврзници за комунална такса со податоците од Централен регистар, односно, направена е одјава на правни лица, но не се внесени новите обврзници. Истото не е направено ниту во 2019 година.

На два пати, во 2014 година и во 2018 година, општината испратила опомени, но потоа не се преземени мерки за присилна наплата поради неажурирани податоци во регистарот на
општината. И тоа нешто што се плаќа како комунална такса за фирма не се евидентира навремено со што не постои реален приказ на состојбата околу наплатата. Ревизорите забележале дека овие состојби имаат влијание на висината на приходите на општината по основ на комунални такси.

Има ли спас и дали ќе има одговорност? 

Сметката на општина Струга е блокирана од 2010 година со судска пресуда од Основен суд Струга по одобрен кредит од 2000 година на ЈП „Проаква Струга“ во износ од 3,7 милиони евра. На крајот од 2018 година, според извештај од Министерството за финансии, постојат неизмирени обврски од 5,5 милиони евра од страна на општината. Од друга страна пак, до крајот на 2018 година општина
Струга има побарувања во вкупен износ од 6,3 милиони евра. Но, овие побарувања не се наплаќаат навремено, дури некои се со неизвесна наплата. Општината, што е надвор од правилата, не води посебна евидеција за да може да се види до кога се роковите за наплата, за кои побарувања е поведена судска постапка и дали има евиденција на побарувања кои не може да се наплатат.

Со вакво темпо Рамиз Мерко ја носи Струга кон банкрот и на јавноста, посебно на стружани, им должи низа одговори поврзани со нивните пари – како се трошат во отсуство на реални и конкретни буџетски програми и зошто општината за две децении не успеала да изгради ефикасен систем за наплата на таксите и даноците за да може полесно да ја одржува финансиската кондиција. Згора на се, ниту има изгледи дека нешто наскоро ќе се промени затоа што во ревизорското мислење на крајот од нивниот запис се наведува дека финансиските извештаи на
општината не се вистинито преставени, дека активностите, трансакциите и информациите прикажани во извештаите не се согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Ниту пак владината интервенција со исплата на дел од долговите на општините не ја менува лошата состојба.

Препораките на ревизорите, а ги има безброј, се насочени во голема мера кон градоначалникот од владејачката партија ДУИ. Едноставно неопходни се коренити промени во целата поставеност и функционирањето на локалната самоуправа во Струга, зајакнување на кадровскиот потенцијал, воспоставување на ред и контрола, реално планирање на парите, ажурирање на регистрите и уште
многу, многу други обврски му се зададени на Мерко. Тешко е да се поверува дека тој ќе има знаење и сила да ја закрепне општината затоа што домаќин на кого му тоне домот не купува возила од 110.000 евра, колку што вреди новиот возен парк на општината.

А дали некогаш ќе има одговорни за нерационалното трошење и за неодговорното однесување со јавните пари? – Во случајот, само ако Јавното обвинителство пронајде елементи за гонење. Познавајќи ги, речиси никогаш не ги читаат извештатите на ревизорите.

Mерко добил три пати поголем буџет на блокирана сметка на Општината