На денешниот референдум кој се одржа на УКИМ, вкупно 2767 студенти од 22 факултети излегле да го дадат својот глас.

ПОвеќето, или 2615 студенти се изјасниле за тоа дека не сакаат повеќе Студентскиот парламент да остане невладина организација, туку да биде во склоп на универзитетот, додека 137 студенти рекле дека го поддржуваат СПУКМ ваков каков што е.

„Студентската волја денес е артикулирана, па на Сенатот и Ректорот останува да ја испочитуваат. Според нас, тоа е нивната единствена опција. Овој референдум претставува гест на самоопределување и почеток на изградба на новиот идентитет на еманципираниот студент и граѓанин. Студент кој е ревносно револтиран и спремен да го менува постоечкото статус кво. Студентите денес се општествениот пиреј на демократските вредности“, велат од Студентски пленум.

Нефоралниот референдум кој денеска го организираше Студентскиот пленум во рамките на факултетите на УКИМ се одвиваше во мирна атмосфера, без инциденти и со заинтересираност на самите студенти кои треба да се изјаснат за статусот на нивниот претставник – Студентскиот Парламент.

Прашањето на кое студентите при УКИМ денеска одговараат со ДА и НЕ, гласи „Студенту, дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација како што е во моментот“.