Судењето на членовите на Левица – Здравко Савевски и Владимир Куновски повторно е одложено откако обвинителката Снежана Бундалеска денеска достави докази, односно имотен лист дека местото каде се наоѓа Народната канцеларија на претседателот е во сопственост на Република на Македонија и одлука на Владата за привремено користење на просторот за оваа намена.
По ова, одбраната на Савески и Куновски побара рочиштето да се одложи за септември за да ги разгледаат доказите. Тие тврдат дека според доказите на одбраната целата документација која тие ја подгнале од Катастарот укажува на повеќе сопствеништва на таа парцела со што документацијата повторно ќе треба да се преиспита.
„Има повеќе правни субјекти кои се лоцирани на локацијата на ул. „Вељко Влаховиќ“ бр. 7, односно според катастарот има повеќе објекти. Ние ги извадивме сите имотни листови и, по наше мислење, сметаме дека тој објект, за кој денеска ни беше дадена одлука на Владата, не е односниот објект, но ќе ни треба време да го проучиме, и можеби ќе ангажираме и вешто лице кое ќе ги спореди и нашите имотни листови и ќе изврши идентификација за кој објект станува збор“, рече адвокатот Сашо Дуковски.
На барање на одбраната Судот се согласи да им ја укине мерката на претпазливост, односно на обвинетите да им бидат вратени патните исправи и одлучи тие да се јавуваат во судот на секои две недели.
Главното судење е презакажано за 13 септември.
Савески и Куновски се обвинети за учество во толпа која извршила кривично дело демолирање на Канцеларијата на Иванов, за време на антивладините протести на 14. април. Тие речиси 50 дена поминаа во куќен притвор.




