Претседателот на Основниот суд Скопје 1 донел решение со кое како неосновано е оценето барањето на СЈО за изземање на судијката Лидија Петровска, кој треба да суди по првото обвинение на СЈО, во кое кривично се гонат седуммина вработени во УБК на чело со поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујовски. СЈО бараше смена на судијката од „бомбите“ за да има непристрасно судење.
„Ова Јавно обвинителство поднесе барање за изземање на судија, бидејќи постојат околности кои предизвикуваат сомневање во нејзината непристрасност во донесување на одлука, од причини што истата судијка се јавува во содржината на јавно објавените незаконски прислушувани разговори“, соопштија пред неколку дена од СЈО.
Судијката Лидија Петровска, која ќе го води случајот со уништувањето на доказен материјал за прислушувањето во УБК се споменува во опозициските бомби кои минатата година ги објави Заев.
Петровска се споменува во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.



