Судот денеска одлучи да одбие два од доказите кои ги предложи Специјалното обвинителство за случајот со насилствата во општина Центар, во кој првообвиниет е Никола Груевски.

Судијката Татјана Михајлова, донесе одлука да одбие „бомби“ како доказ приложени од СЈО кои се однесуваат на насилствата и да ги прифати аргументите на одбраната дека се работи за докази кои се прибавени на незаконски начин.

Според СЈО, првообвинетиот Груевски, во случајот кој беше обелоденет во една од „бомбите“, е нарачател на насилството, а Миле Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет.

Сепак, судот одлучи дека заради начинот на кој се стекнати аудио разговорите, односно со нелегално прислушување, да не ги прифати како доказ во понатамошната постапка.

Вториот доказ кој судот реши да го одбие е сведочењето на еден загрозен сведок кој го предлага СЈО, но повторно за истото беа прифатени аргументите на одбраната дека за делото насилство, не е предвидено да се употреби мерката загрозен сведок како доказ, туку истата може да биде употребена во други случаи како за дела против човештвото, организиран криминал, дела против државата и други.

Судијката Михајлова денеска донесе одлука, судењето за насилствата во општина Центар да започне на 22 февруари, каде обвинети се екс премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште 12 други лица, меѓу кои и пратеничката Даниела Рангелова и советници во општината од владејачката партија.

Судијката Татјана Михајлова е позната во јавноста по тоа што на новинарот Томислав Кежаровски му додели мерка притвор. Тој подоцна со казна затвор беше осуден за случајот „Ликвидација“.

При образложувањето на одлуката за датумот на судењето, судијката Михајлова и обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која денеска го образложи случајот што СЈО го покрена на 15 септември годинава, влегоа во вербален судир.

Откако судијката Михајлова рече дека поради патување во странство, нема да биде во земјата во јануари и февруари, обвинителката Фетаи реагираше дека тоа непотребно се оддолжува, на што судијката остро реагираше дека „овој случај не е ништо посебен“ од другите. Таа и рече дека Фетаи дека е „непотребно иронична и дека прави гримаси“ и дека би сакала да има камери кои би ја снимиле за да се види самата. На тоа Фетаи реагираше дека воопшто не е иронична.

Михајлова и Фетаи и претходно влегоа во вербален судир околу тоа дали е ова главна расправа или подготвително рочиште, дали лицата се осомничени или обвинети. Притоа судијката ја опомена обвинителката доколку не се почитува редот во судот, ќе бидат преземни мерки.

Денеска во судницата беа присутни сите обвинети, меѓу кои има и лица кои беа дел од толпата кои во јули 2013 година го демолираа објектот на општината. Во еден дел од рочиштетот, јавноста беше отстранета од судницата бидејќи беа презентирани некои од доказите, наводно од прислушуваните материјали.

На почетокот на судењето, обвинетите побара да не бидат снимани од телевизиските камери и од фоторепортерите, туку да се снима делот каде што е јавноста.

На 15 септември годинава, Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против Груевски, Јанакиески у уште три други лица кои се товараат за нарачување на насилството во општина Центар. Поднесена е и кривична пријава за уште 9 други лица за извршување на нарачаните кривични дела во јули 2013 година.