Академијата за судии и јавни обвинители до крајот на неделава се очекува да распише „интервентен“ оглас на кој ќе дозволи 60 кандидати од судовите и обвинителствата со 8 – месечна теоретска обука да станат идни судии и јавни обвинители и на тој начин да ја пополнат дупката која се појави со немање на кадри за судството, објавува сајтот Сведок.
Ова е класичен партиски упад во судството бидејќи овие планирани 60 судии и обвинители ќе бидат исклучиво од редовите на стручните соработници од судовите и обвинителствата кои имаат 6 години стаж како соработници. Сите тие се вработени во периодот на владеење на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, па околу 40 од нив треба да се Македонци, а најмалку 15 Албанци.
СВЕДОК од судски извори дознава дека по измените на законот кои беа донесени преку ноќ и во кои се предвиде да се едуцираат судии со само 8 месеци теоретска но не и практична обука, ќе се сместат сите кандидати кои поинаку немаат ни теоретска шанса да станат судии поради високите критериуми во Законот за академија на судии и јавни обвинители.
Овие накалемени измени ќе важат само за оваа група на идни судии, една година, а понатаму пак ќе бидат во сила силните критериуми кои бараат познавање на јазици, висок процент на успех и слично.
И додека власта се обидува да вдоми 60 судии и обвинители, последните кандидати за судии и јавни обвинители кои слушаа обука според строгите критериуми се уште не добиле уверенија бидејќи во тек била жалбена управна постапка која не завршува со месеци.
Иако во Законот е дефинирано дека Управниот и Вишиот управен суд треба да одлучат итно по тужбите на одбиените кандидати за судии на одлуките на Управниот одбор на Академијата, Управниот суд не ги зел во работа овие предмети како итни и целиот процес е закочен.
Последниве години поради високите критериуми за упис на Академијата немаше интерес па пропаднаа неколку конкурси или во групите имаше по десетина кандидати, со што, за судии и обвинители има недостаток од кадри.




