новинар: Саше Димовски

Името на Светлана Костова, судијка на Вишиот управен суд, која денеска беше главен лик во разговорите за договарање на провизија со Израелците при купување на опремата за МВР, за прв пат беше споменато на седница на Судскиот совет на 30.03.2011 година, кога беше избрана за судија директно во тој суд, без ниту еден ден претходно судиско искуство.

На седница, одржана на крајот на март пред 4 години, Судскиот совет избра 12 од 15 судии со кои го формираше Вишиот управен суд, како нов суд во македонскиот правен простор. Во него, во првиот избор влегоа судии за кои и тогаш и сега медиумите ја потенцираа нивната блискост со владејачките партии или пак заслугите што ги имале на позициите од кои доаѓале.

Вишиот управен суд, кој одлучува по жалбите на Управниот суд, меѓу кои и за изборните предмети, се формираше со избор на судиите на крајот на март а почна формално да функционира во јуни 2011 година.

На огласот, за судии на Управниот суд беа пријавени над 80 кандидати, а беа избрани 12, од кои осум беа судии на дотогаш единствениот Управен суд, а 4-ца, меѓу кои и Светлана Костова дојдоа од министерствата за правда, за внатрешни работи и јавното обвинителство.

Светлана Костова, која работела во УБК, и му вели на директорот Сашо Мијалков дека „ќе му биде вечно благодарна, а не само да го чести“ во тајната полиција работела десетина години, и тоа во време кога директор на УБК бил Миле Зечевиќ кадар на СДСМ а подоцна и Сашо Мијалков.

Извори за НОВА од МВР потсетуваат дека Костова на истата советничка позиција во УБК била за време на мандатите на двајцата директори, а најверојатно била вработена во периодот пред 2003 година. Потекнувала од кавадаречко. Сајтовите на судовите не се во функција подолг период, и не може да се дојде до нејзината официјална биографија, но извори од судот потврдуваат дека во нејзината биографија пишувало само дека била вработена во МВР, но не е прецизирано дека била во тајната полиција, во УБК, и која е нејзината стручност да постапува по управни предмети.

Во анкетниот лист објавен на сајтот на Антикорупциската комисија, Светлана Костова кога станала судија на Вишиот управен суд пријавила само стан од 31 м2 како лична сопственост, купен во 2004 година, вреден 36.300 евра, автомобил Тојота аурис од 2011 година вреден 14.390 евра, како и два кредити од околу 18 илјади евра што ги зела во 2004 и 2014 година. Има околу 45 години, не е мажена, а во Вишиот управен суди, како судија кој немал претходно искуство ротира во советите кои судат во повеќе области.

Снимките на кои се слуша како директорот на УБК Сашо Мијалков прави комбинаторики за избор на судии и и го соопштува тоа на Костова, ги потврдуваат сите досегашни информации дека Вишиот управен суд беше пополнет со судии, блиски роднини на актуелни функционери.

Накратко, еве ги и другите семејни врски на судиите од Вишиот управен суд што беа избрани на седницата заедно со Костова: Лидија Каначковиќ која го имаше предметот за лустрацијата на претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски и подалечни пријателски врски со семејството Мијалкови преку нејзин близок роднина, долгогодишен судија и адвокат, Владанка Панчурова-Сулејманова, сопруга на тогаш Уставниот судија Зоран Сулејманов, а сега член на Советот на јавни обвинители, Лидија Георгиевска сестра на доскорешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски (кој се споменува на разговорите за провизиите со Кинезите, каде што премиерот Никола Груевски бара да не биде викнат).

За судија на истиот суд и на ист датум беше избрана и Виолета Илиевска братучетка на Претседателот на Собранието Трајко Вељановски, како и Анита Данилова која беше судија на скопска единица на Управен, Шефајет Хајдари сегашниот претседател на гостиварска апелација, Дијана Димитрова и Исамедин Лимани сега судија на Врховниот суд. Покрај нив, од правда, полиција и јавното обвинителство виши управни судии станаа Фани Илиевска, Светлана Костова, обвинителката Мирјана Василевска сестра на тогаш истражниот судија Владимир Туфегџиќ и Загорка Тнковска од Министерството за правда, мајка на сопругата на градоначалникот на Аеродром, Ивица Конески.

Нивниот избор беше спорен, затоа што се изведе набрзина, и во очекување на одлуката на Уставниот суд кој на 9.февруари 2011 година поведе постапка за оценување на законитоста на член 42 од Законот за судови, каде што се уредуваше кој може да биде судија на Вишиот управен суд. Скопскиот адвокат Вељо Кадиев, тврдеше дека за Вишиот управен суд не треба да постои ограничување, како што беше предвидено во законот: да може да биде избран само судија со тригодишно искуство од Управниот суд, или лица вработени во државните органи што работеле најмалку шест години на управна материја.

Со тоа што им беше ограничено правото на судиите од редовните судови да конкурираат за Вишиот управен суд, се тврдеше дека е нарушен принципот на владеење на правото.

Според денешната изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев, Светлана Костова продолжила да ја договара провизијата со претставниците од Израел и од позицијата на судија на Вишиот управен суд што не е дозволиво по закон и судскиот совет треба да покрене постапка за нејзино разрешување.