Синдикалниот лидер Благоја Ралповски, кој ја предводи Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и одби да им се приклучи на барањата и на протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за покачување на минималната плата на 600 евра, е избран за нов член на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), објави „Фокус“.
Ралповски ќе седне во УО на Фондот како претставник на репрезентативен синдикат кој членува во Економско-социјалниот совет – телото во кое се одвива дијалогот меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Владата го назначила лидерот на КСС на позицијата на седницата на 3 февруари.
Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, претходно тврдеше дека Ралповски е награден со место во управен одбор поради тоа што не излегува на протестите, но Трендафилов рече дека се работи за Фондот за здравство.
Ралповски пред неколку дена беше во Владата, кога заедно со претставници на Синдикатот на УПОЗ се договорија со Владата за етапно покачување на платите на дел од администрацијата во управата и правосудството. Лидерот на КСС тогаш изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, а им се заблагодари и на министрите, посебно на министерката за финансии.
Извор: Фокус.мк




