Денеска во Кривичниот суд дополнително ќе бидат доставени случајот „Таргет“ и дополнителни материјали за случајот „Титаник“, со што ќе се комплетираат сите завршени предмети од СЈО со обвиненија и ќе зависат од одлуките на судиите.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) засега се воздржува од коментар по распределбата на предметите кај шестмина судии во Кривичниот суд. На прашање на НОВА ТВ, од СЈО само кусо одговорија дека очекуваат судиите да постапуваат непристрасно и во рамки на законот.

НОВА ТВ дознава дека целиот процес од доставување на обвиненијата, распределбата на предметите и одлуките на судиите е под силен мониторинг, со оглед на важноста на случаите не само за СЈО, туку и за целата јавност.

Во предметите „Титаник“ и „Таргет“ осомничени се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Вчера попладне Кривичниот суд соопшти дека сите предмети кои во текот на денот беа доставени од СЈО се распределени кај судии.

Кај судијката Моника Бахчовановска доделени се пет предмети за оценка на обвинителен акт. (Тотал, Тревник, Тифани, Титаник, Тортура).

Кај Лидија Петровска по распределба преку Акмис системот се паднал случајот Тарифа.

Горан Бошевски ги доби предметите Трезор и Тенк.

Додека судијката Верка Петковска ќе биде задолжена за случајот Титаник 2.

За случајот Топлик ќе одлучува Верка Петровска, а кај судијата Ивица Стефановски е доделен предметот Тендери.

Татјана Михајлова е работи на предметите ТНТ и Траекторија.

По барање за мерките за претпазливост и мерката притвор, кривичните совети ќе одлучуваат во текот на денешниот и утрешниот ден.

СЈО вчера побара притвор за Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, Елизабета Канческа Милеска, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски и Тони Трајковски.

Во сите предмети кои денеска ги достави СЈО обвинети се вкупно 94 физички лица и 7 фирми.

Во предметите кои досега беа процесуирани во Судот, таму речиси ниту еднаш не се одлучи позитивно  по барањата за мерки на претпазливост на СЈО, освен во случајот  на битолскиот градоначалник Владимир Талевски којшто доби домашен притвор, но потоа беше укинат.

Во случајот на бизнисменот Сеад Кочан Кривичниот суд додели притвор, но Апелација го укина. Додека Судот расправаше, Кочан исчезна и се бараше со потерница, но и тоа не беше доволно за нему да му се додели притвор.