Рочиштето за предметот на СЈО „Тендери“ денеска беше одложено во Кривичниот суд поради отсуство на бранителите на обвинетите. Во случајот првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска во врска со тендер за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО од проектот „Скопје 2014.“

Судијата Осман Шабани ги извести обвинителите оти судот добил известување од адвокатите на обвинетите дека се спречени да присуствуваат на судењето бидејќи се единствени бранители на неколку обвинети во случајот за насилствата во Собранието на 27 април. На 4 октомври Шабани треба да одлучи како ќе продолжи со предметот, бидејќи на 20 септември истече законскиот рок од 90 дена од почнувањето на судењето и според законот судењето треба да започне одново со презентација на материјалните докази.