Белград: Тензично е пред српскиот Парламент, каде што Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој е еден од 16-те загинати лани при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад од утрово. Имено, таму попладнево пристигна полициско засилување – полициска бригада за разбивање демонстрации.
Тензиите растат пред Домот на Народното собрание во Белград и откако полицијата не ѝ дозволи на Дијана Хрка да се приближи до Собранието за да го започне таму штрајкот со глад, по што граѓани спонтано почнаа да се собираат за да ја поддржат.
Меѓутоа, како што бројот на граѓани почна да се зголемува, српската полиција распоредува дополнителни сили.
Полициска бригада, во целосна опрема за разбивање на демонстрациите, ги оттурна претходно граѓаните кон булеварот Кнез Милош, додека луѓе од таканаречениот Ќациланд (спроти Собранието во шатори) се собираат во голем број во оградениот простор околу Собранието.
На видеата што се појавуваат на социјалните мрежи, можете да видите како полицијата ги потиснува граѓаните, вклучувајќи го и поранешниот кошаркар Владимир Штимац.
Сепак, полицијата во опрема за разбивање на демонстрациите повторно се позиционираше наспроти граѓаните зад оградата, а сè поголем број полицајци се групираат во оградениот простор околу Собранието.
Граѓаните и Дијана Хрка останаа пред железната оградата што беше поставена за никој да не може да се искачи пред Собранието. Сè повеќе луѓе се собираат во поддршка на Дијана Хрка, но во меѓувреме, повеќе луѓе пристигнаа и во таканаречениот Ќациленд.

