Три опомени и едно одземање на зборот доби Фатиме Фетаи на денешното судење. На обвинителна клупа седнаа Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште 11 лица, меѓу кои и неколку лица кои камерите на медиумите за време на насилствата ги регистрираа во толпата пред општина Центар.

„Немојте да се обидувате да го претворите судењето во театар. Јас може да сум англиска кралица според новиот ЗКП и можам да ве оставам да се соочувате колку сакате, но не сакам овде да биде циркус“.

Вака на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи и се обрати судијката Татјана Михајлова, за време на судењето за насилствата во општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот на општината, Андреј Жерновски.

Уште од самиот почеток на судењето каде обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески и уште 12 други лица, се чувствуваше тензија помеѓу обвинителката Фетаи и судијката Михајлова.

Фатиме Фетаи беше опомената дури три пати од судијката Михајлова, додека еднаш и беше одземен зборот при нејзиното обраќање.

Таа ја опомени Фетаи за нејзиниот речник и за начинот на кој и се обраќа на судијката при приговорите кои ги дава, особено во еден момент кога кажа „Што е ова“. Фетаи рече дека тие како СЈО добиле покана за главна расправа, додека судот се уште не објаснил дали се работи за подготвително рочиште или судење.

На судењето освен Груевски и Јанакиески дојдоа сите други обвинети и внимателно околу четири и пол часа ги слушаа образложувањата на судијката, обвинителката Фетаи и одбраната на чело со адвокатот Никола Додовски.

Груевски во судот пристигна половина час пред судењето и влезе на главниот влез. За време на судењето по барање на обвинетите, на медиумите од страна на судијката им беше укажано дека обвинетите не сакаат да бидат снимени во судница и беа замолени да снимаат само накај останатите присутни или кон обвинителката Фетаи.

Одбиени бомбите и загрозен сведок како докази

Судијката Татјана Михајлова, донесе одлука да одбие „бомби“ како доказ приложени од СЈО кои се однесуваат на насилствата и да ги прифати аргументите на одбраната дека се работи за докази кои се прибавени на незаконски начин.

Според СЈО, првообвинетиот Груевски, во случајот кој беше обелоденет во една од „бомбите“, е нарачател на насилството, а Миле Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет.

Сепак, судот одлучи дека заради начинот на кој се стекнати аудио разговорите, односно со нелегално прислушување, да не ги прифати како доказ во понатамошната постапка.

Вториот доказ кој судот реши да го одбие е сведочењето на еден загрозен сведок кој го предлага СЈО, но повторно за истото беа прифатени аргументите на одбраната дека за делото насилство, не е предвидено да се употреби мерката загрозен сведок како доказ, туку истата може да биде употребена во други случаи како за дела против човештвото, организиран криминал, дела против државата и други.

Фетаи да не прави гримаси или следи опомена

Судот одлучи судењето за насилствата во општина Центар да започне на 22 февруари, каде обвинети се екс премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште 12 други лица, меѓу кои и пратеничката Даниела Рангелова и советници во општината од владејачката партија.

При образложувањето на одлуката за датумот на судењето, судијката Михајлова и обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која денеска го образложи случајот што СЈО го покрена на 15 септември годинава, повторно влегоа во вербален судир.

Откако судијката Михајлова рече дека поради патување во странство, нема да биде во земјата во два наврати во јануари и февруари, обвинителката Фетаи реагираше дека судењето непотребно се оддолжува, на што судијката остро реагираше дека „овој случај не е ништо посебен“ од другите. Таа рече дека Фетаи е „непотребно иронична и дека прави гримаси“ и дека би сакала да има камери кои би ја снимиле за да се види самата.

На ова Фетаи рече дека воопшто не е иронична, туку реагира заради одолговлечувањето кое се прави со судењето и дека таа има време во било кој термин да дојде за рочиште. На ова судијката одговори дека веројатно Фетаи има време заради нејзиниот обем на работа, алудирајќи на тоа дека истиот е помал отколку нејзиниот.

Судијката Татјана Михајлова е позната во јавноста по тоа што на новинарот Томислав Кежаровски му додели мерка притвор. Тој подоцна со казна затвор беше осуден за случајот „Ликвидација“.

По судењето обвинителката Фетаи не даде изјава за медиумите и за било какви прашања ги упати до службата за односи со јавност на СЈО. Адвокатот Никола Додовски пак, изјави дека тој бил фрапиран и изненаден од тоа колку незаконски докази биле предложени од страна на Специјалното обвинителство.

„Дури не е можно да се знае дека такви докази не може да се предлагаат во процедурата без законска основа. Резултат на тоа беше одбивање на тие докази и донесување одлука дека тие докази не се дозволени во постапката“, рече Додовски. Додека медиумите ја снимаа неговата изјава, Никола Груевски набрзина го напушти судот и не даде изјава за медиумите.

На 15 септември годинава, Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против Груевски, Јанакиески и уште три други лица кои се товараат за нарачување на насилството во општина Центар. Поднесена е и кривична пријава за уште девет други лица за извршување на нарачаните кривични дела во јули 2013-та година.