САД воведоа нови царини за кинески стоки со вредност од 200 милијарди долари, со што трговската војна со Пекинг ескалира.
Повисоките даноци за увоз ќе се применуваат за речиси 6.000 предмети, што претставува најголема листа опфатена со американските царини досега.
Тука ќе бидат вклучени чанти, ориз и текстил, но не и паметните (смарт) часовници, на пример.
Кина претходно најави дека ќе воведе реципрочни мерки против какви било дополнителни американски царини.
Новите даноци ќе стапат во сила од 24 септември, со што царините од 10 отсто и ќе се зголемат на 25 отсто од почетокот на следната година, освен ако двете земји не постигнат договор во меѓувреме.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека најновиот бран царини е одговор на кинеските “нефер трговски практики, вклучувајќи субвенции и правила кои странските компании треба да ги обезбедат за локалните партнери.
-Ние бевме многу јасни за видовите на промени што треба да се направат, и дадовме можност на Кина да го коригира своето однесување кон нас. Но, Кина досегатоа не сакаше да го промени, рече тој.
Трамп исто така, предупреди дека доколку Кина воведе реципроцитет, тогаш САД “веднаш ќе ја спроведат третата фаза”, што би значело наметнување дополнителни даноци за нови кинески производи во вредност од 267 милијарди долари.
Ако тоа се случи, тоа ќе значи дека речиси целиот кинески извоз во САД ќе биде предмет на нови царини.
Претходните дополнителни царини
Оваа најнова рунда го означува третиот сет на царини воведени оваа година.
Во јули, Белата куќа ги зголеми царините за кинеските производи во вредност од 34 милијарди долари. Потоа, минатиот месец, трговска војна влезе во втората фаза кога САД воведоа царини од 25 отсто на стоки во вредност од 16 милијарди долари.
Овој последен круг значи дека околу половина од целиот кинески увоз во САД сега е предмет на дополнителни царини.
Тоа, исто така, е и најобемната листа, и за разлика од досега се работи за стоки за широка потрошувачка, како што се куфери и мебел.
Тоа значи дека граѓаните ќе почнат да го чувствуваат влијанието преку повисоките цени.
Американските компании веќе велат дека се загрижени за ефектот од повисоките даноци на нивните бизниси и предупредија на ризикот од намалување на работните места.
Што опфаќа најновата листа
Властите велат дека сакаат да ги заштитат стоките за широка потрошувачка од новите царини што е можно повеќе.
Но, во оваа најнова листа на предмети со дополнителни царини се вклучени многу секојдневни предмети, како што се куфери, чанти, тоалетна хартија и волна.
Листата, исто така, вклучува неколку прехранбени продукти како замрзнато месо, речиси сите видови риби, како од чадена скуша, потоасоја, разни видови овошје и житни култури и ориз.
Ќе бидат опфатени и некои производи од компјутерската опрема како што се рутерите.
Кои предмети се изземени?
На листата првично се наоѓале повеќе од 6.000 предмети, но американските претставници подоцна иззеле околу 300 предмети, вклучувајќи ги и паметните часовници, велосипедските шлемови, пенкала, подлоги за играње за бебиња…
Ова е резултат на жестокото противење од компаниите, меѓу кои и глобални технолошки гиганти како Apple, Dell и Hewlett Packard Enterprise.
Компаниите се загрижени дека зголемените царини ќе ги зголемат и нивните цени, бидејќи многу од нивните производи се произведуваат во Кина.
Американските технолошки фирми бараат заштита од следните царини што би можел да ги воведе Трамп.
Зошто САД воведуваат царини
Белата куќа вели дека зголемувањето на царините е одговор на кинеските “нефер” трговски политики.
Теоретски, овие царини ќе ги направат производите направени во САД поевтини од увозните, па така би ги поттикналепотрошувачите да купуваат американски производи. Идејата е дека тие ќе ги зајакнат локалните бизниси и ќе ја поддржат националната економија.
Од друга страна, американски власти се надеваат дека ризикот од економски штети ќе ја убеди кинеската влада да ги промени своите политики.
Сепак, многу американски бизниси ги критикуваат новите царини.
Земјоделците, производителите, трговците на мало и другите индустриски групи формираа коалиција за да се спротивстават на царините, нарекувајќи ги даноците за американските семејства.
-Зголемувањето на царините веќе резултираа со отпуштања, и оваа ескалација ќе продолжи да ги притиска американските бизниси со повисоки трошоци за увоз, а вредноста на производите на американските земјоделци ќе се намалува, изјави Џонатан Голд, портпарол на коалицијата.
Како Кина ќе одговори?
Кинезите претходно воведоа царини за американски производи во вредност од 50 милијарди долари како реципрочна мерка која беше насочена кон клучните делови од политичката база на Трамп – земјоделците.
Владата го најави планот за наметнување на дополнителни царини на стоки во вредност од околу 60 милијарди долари и се закани со други мерки.
Разговорите меѓу високи претставници завршија во мај, без успех. засега неуспешни се и напорите за продолжување на дискусиите. Официјалните претставници на САД и Кина разговараа за нова рунда разговори во текот на изминатата недела, но последниот потег на Трамп најверојатно само ќе ги влоши односите.




