Во врска со истрагата во предметот „Трезор“,Специјалното јавно обвинителство до Основниот суд Скопје 1 поднесе предлог за определување мерки за претпазливост за три осомничени лица, со кои е побарано од судот да ги одземе патните исправи на овие лица.
– Воедно, за едно осомничено лице побарано е определување мерка притвор поради опасност од бегство, постоење на основан страв дека лицето ќе ја попречува кривичната постапка и поради постоење на особени околности кои го оправдуваат стравот дека лицето ќе го повтори делото – се вели во известувањето на СЈО.
До Основниот суд Скопје 1 поднесено е и барање за донесување привремена мерка – забрана за користење и за располагање со трансакциската сметка на правнато лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.
Под кодното име „Трезор“ Специјалното јавно обвинителство отвора истрага по сомнение за проневера на вкупно 862 045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата Управа. За злоупотребата се товарат тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење.
Според судски извори на НОВА, осомничени се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началникот на петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков,Тони Јакимовски и бившиот помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком Небојша Стајковиќ.

