Кежаровски

Пред три години, на 23 октомври во 2013 година, новинарите беа спречени да одржат мирен протест пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност од страна на силни полициски сили.

Протестот за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски беше закажан пред овој објект, но кога новинарите започнаа да се собираат, полицијата брутално ги избутка на плоштадот Филип Втори и не им дозволи да се приближат до објектот.

За одбележување на денот, вчера преку Фејсбук се огласи и новинарот Томислав Кежаровски.

„Почитувани колеги, Ве информирам дека утре, точно напладне ќе бидам на плоштадот Филип Втори, кај Музејот на ВМРО, онаму каде што Вие на 23 октомври во 2013 година го одржавте протестот заради пресудата што ми беше изречена и од каде побаравте мое ослободување.
Ве повикувам симболично да го одбележиме денот кога полицијата крена рака врз новинарите, кога полицијата се обиде да ги замолчи новинарите“, напиша Кежаровски.

Тој додаде дека никој не успеал да му застане на пат на слободоумниот човек.

„Полицајците вооружени со пиштоли и автоматски пушки им се спротиставија на новинарите “вооружени” со пенкала в раце. Јалови Ви се обидите преку напади и заплашување да не попречите да информираме за вистината“, напиша Кежаровски.

Кежаровски беше осуден на 4 и пол годишна затворска казна за наводно оддавање идентитет на заштитен сведок. На негово ослободување како и преиспитување на пресудата повикаа повеќе домашни и меѓународни невладини организации кои се занимаваат со медиумите и човековите права.