Симона Заборска во тежинската категорија до 55 кг успеа да го освои сребрениот медал на Светското универзитетско првенство во карате во Брага, Португалија.
Заборска сега е актуелна светска вицешампионка во следните две години. Таа во финалето загуби со 2:0 од Емили Туј од Франција.
Заборска до финалето забележа три победи и тоа против Саида Џедра од Алжир со 1:0, Лерез Марис од ЈАР со 1:0 и против Аја Ибрахим од Египет со 2:0.
Наташа Стефановска го освои сребрениот медал во тежинската категорија до 61 кг. Овој резултат го постигна на најголемиот карате собир на светското универзитетско првенство.Таа загуби на судиско изјаснување откако во регуларниот дел натпреварот заврши со 0:0. Судиите ѝ ја доделија победата на египетската репрезентативка Џиана Лотфи.
Стефановска беше убедлива во првото коло и ја совлада претставничката на Алжир, Ранда Мекдас со 4-0, потоа со Јин Џиаојан од Кина се бореше со резултат 1-1, но победи со судиско изјаснување. За влез во финалето ја совалда Барно Мирзаева од Узбекситан со 2-0.
Сара Радичевска во борбата за бронзениот медал беше поразена од европската шампионка Бетина Планк од Австрија. Исто така на судиско изјаснување откако резултатот во регуларниот дел беше 0:0. На изјаснувањето беше поразена минимално 2:3 од австриската шампионка. Радичевска оствари висок пласман на петтото место во категоријата до 50 кг.
Радичевска првата борба против Аликс Хернандез Слазар од Мексико ја доби со судиско изјаснување при резултат 0:0, а во втората загуби од Јапонката Михо Мијахара со 6:0. Во репасажот славеше со 5:0 против репрезентативката од Белгија.
Во дисциплината екипно борби во директна борба за бронзениот медал македонскиот тим успеа да ја совлада екипата на Норвешка. Наташа Стефановска загуби со 0:1, Симона Заборска победи со 8:0, и Сара Радичевска заврши нерешено. Поен разликата беше пресудна и ја донесе победата и бронзениот медал за Македонија.
Патот во елиминациските делови и подоцна во репасажните борби до освојување на медалот не беше ни малку лесен. Македонскиот тим успеа во елиминацискиот дел да ги совлада екипите на Максико 2:1, Словачка 1:0, Англија 1:0, а загубив минимално 0:1 од Египет и на крај ја совладав и репрезентацијата на Норвешка 1:1, со подобра поен разлика.
Овој медал е највиско достигнување во досегашната историја на македонските карате тимови во женска конкуренција во дисциплината екипно борби. Овие девојки сега можат да се пофалат и со освоен медал од светско првенство.
– Пресреќни сме во овие моменти и многу сме задоволни од постигнатите резултати во Брага, Португалија. Направивме голем резултатски успех, освоивме вкупно три медали и остваривме еден висок пласман на петтото место и со тоа до сега го постигнавме најголемиот успех во македонската универзитетска карате историја во дисциплината борби во женскиот дел. Посебно ми е драго дека од како сме и официјално прогласени за олимписки спорт ова се и први големи резултати и медали кои се освоени од македонските каратисти, тоа е добар показател дека во каратето треба да веруваме и да се обидеме да постигнеме олимписки норми во временскиот период кој ни претстои. Репрезентативките континуирано докажуваат дека имаме извонреден потенцијал во женскиот дел во дисциплината борби и тоа треба да го искористиме и да ги подржиме овие прекрасни спортистки во остварување на нивните спортски цели. Денеска првенството се затвора и ние ќе си заминеме од Брага со прекрасни спомени – изјави Бошко Заборски, селектор на македонската универзитетска карате репрезентација.
Следното светско првенство во карате ќе биде организирано во Кобе, Јапонија, после две години.




