Во земјава се инвестирале седум пати помалку пари од најавеното и биле отворени три пати помалку работни места отколку што било ветено, открива новото истражување на БИРН за странските инвестиции.

Да се реализираа сите странски инвестиции што последните десет години ги најавија македонските власти, до денес ќе се изградеа најмалку 138 фабрики и други производствени или услужни капацитети, во вредност од 3,8 милијарди евра, во коишто ќе беа вработени вкупно 62.701 човек.

Но, наодите од неколкумесечното истражување на БИРН „Странски инвестиции под лупа“ покажуваат дека перцепцијата што ја создаваа властите изминатите десет години, оти Македонија привлекува многу странски инвеститори коишто речиси секој месец градат по некоја фабрика и отвораат нови работни места, всушност, не е целосно точна.

Од вкупно 138 најавени странски инвестиции опфатени во базата на податоци, фабрики, погони, хотели или други објекти изградија 51 странски компании. Уште 44 инвестиции се во тек, најголемиот дел од нив најавени последните две години чијшто исход засега не може да се предвиди, но и такви коишто почнале да инвестираат и фабриките сѐ уште се градат.

Истражувањето покажува дека дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализираа или пак пропаднаа, што е речиси третина од вкупниот број на инвестиции опфатени во базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“.

Податоците на БИРН од Централниот регистар, пак, кои покажуваат колку изнесуваат нетековните средства на странските компании, во коишто се вклучени вредноста на земјиштата, објектите, опремата, и кои, всушност, најблиску откриваат колку пари навистина вложиле инвеститорите, се во најмала мера поразителни.

Истражувањето покажа дека сите анализирани странски инвеститори, последните десет години во Македонија вложиле вкупно 579,6 милиони евра, што е речиси седум пати помалку од сумата што ја најавиле самите тие или претставниците на власта. А во оваа сума е вклучена и државната помош што им ја одобриле властите на странските инвеститори за градење на фабриките.