Најновиот случај на Специјалното обвинителство „Трезор“ повторно го отвори прашањето за тоа дали воопшто некој во државата има некаква контрола врз работењето на Петтата управа. Се работи за институција која е генератор на кризите во државата, велат нашите соговорници.
Во периодот за кога постои сомневање дека се случила проневерата на 862 045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата Управа, во оваа институција ниту функционирал некаков систем на контрола, ниту пак некој смеел да се осмели да направи контрола, велат аналитичарите за НОВА.
Поранешниот шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров за НОВА вели дека институциите имале начини да утврдат неправилности при набавките на опрема, пред тоа да го направи Специјалното обвинителство.
„Во тој момент ниту функционирал систем на контрола, ниту имало контрола, ниту пак некој смеел да се осмели да направи контрола , иако во МВР постојат посебни единици за испитување на внатрешна контрола на УБК. И министерката на крајот на секоја година добива финансиски извештај за работењето на службите за јавна и државна безбедност. Од тој извештај би можело да се заклучи дека нешто не е во ред и можело да се спроведе истрага уште во тој период“, вели Пивоваров.
Според него, иако се работи за набавки кои може да бидат класифицирани со степен „државна тајна“ опфатени со член 7 од Законот за јавни набавки, сепак постојат процедури и протоколи кои мора да се почитуваат.

„Меѓутоа доколку ваквите протоколи се донесени во некаква скриена форма, за да се направи криминал, тој што го направил секогаш ќе вели во законска форма е извршена и оваа набавка. Носење на законски и подзаконски акти со криминална позадина кои после овозможуваат извршување на кривични дела кои очигледно постојат“, вели Пивоваров.
Собраниската комисија без суштинска контрола во УБК
Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник, Павле Трајанов вели дека Собраниската комисија за надзор над работата на УБК, никогаш немала суштинска контрола во оваа инстуција, ниту пак може да утврди дали се злоупотребуваат системите за прислушкување.
„Комисијата за надзор не може да утврди било што, таа и да влезе во МВР ништо нема да открие, тој систем е затворен и тешко може да се влезе во него. Се работи за институција која е генератор на кризата и криминализацијата на државата. Треба реформи на целокупниот систем во УБК и кадровска чистка и секако промена на власта. Без промена на тој што диригира со сите работи, тешко дека може да има позитивни ефекти“, смета Трајанов.
Според него, има процедура како се вршат набавките во УБК и не е можно тоа да го направи само еден човек.
„Нема оправдување за аите оние кои биле дел од тој ланец, а не откриле и не информирале за она што се случува внатре“, додава тој.
Претседателот на оваа собраниска комисија, Хари Локвенец од СДСМ вели дека тој пред една година има доставено барање до УБК да обезбедат документи кои се потребни за отпочнување на вистинска контрола врз работата на управата.
„Тоа се: список на целата опрема со која располага управата во овој момент. Список на опремата затекната во 2006-та година. Сите промени настаните во меѓувреме- расходување и набавка на нова опрема. Техничко упатство за употреба на актуелната опрема од страна на производителот и Сите протоколи процедури и подзаконски акти, врз база на кои функционира управата. На овие барања јас лично но и Комисијата, добивме формален извештај на три странички во кој буквално немаше ништо. Формата е запазена но суштината никако, што е главна одлука на функционирањето на државата“, изјави Локвенец за НОВА.
Тој вели дека судијката Лидија Петровска за да го прими обвинението од СЈО побара декласификација на материјалите, кои година дена комисијата која е единствено надлежна и овластена во државата да врши контрола, не може да ги добие. Лидија Петровска е судијката која го доби случајот „уништена документација во УБК“ и за која СЈО побара да биде изземање поради тоа што како што велат, неа ја има во самите бомби.
„Дали на ваков начин со барањето за декласификација се има интенција за рушење на безбедносниот систем на државата или многу поверојатно одолговлекување на постапката и одбивање одговор на прашањето кое скоро 2 години ги тишти граѓаните – кој и за кои цели го изврши незаконското прислушување во земјава“, коментира Локвенец.
Бомби: Собраниската комисија да доаѓа што помалку во УБК
Контролата врз УБК од страна на собраниската комисија се најде и во бомбите кои ги објави СДСМ и во разговорите помеѓу тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Според СДСМ, гласовите на Мијалков и Јанкуловска го договараат законот за контрола врз УБК, со кој треба да се издејствува што помала контрола од страна на собраниската комисија во оваа институција.
Работењето на УБК беше оценето како проблематично и во извештајот на Прибе. Според експертите, УБК работела надвор од својот мандат и во корист на владата со тоа што ги контролирала високите фукнционери од јавната администрација, обвинтелите, судиите и политичките противници. Сето тоа укажува на јасно мешање на власта во судството и другите институции.
Од техничка гледна точка, вели извештајот, УБК има монопол врз употребата на снимањето во разузнавачки и криминални истраги. Прислушувањето се врши и надгледува ексклузивно од страна УБК за самата служба но и за полицијата, финансиската полиција и царинската администрација. Оттука, УБК ги има средствата влијае на криминалните истраги и индиректно да ја поткопува независноста на тој што ја води истрагата како обвинителот, констатираше извештајот.
Во последниот случај на СЈО, „Трезор“, отворена е истрага по сомнение за проневера на вкупно 862 045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата Управа. За злоупотребата се товарат тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење.
Осомничените освен набавката на опремата преку приватна фирма која го застапувала МВР, подоцна со анекси на договорот скроиле план за ново користење на пари од буџетот за дополнителни набавки и одржување на опремата, иако според СЈО немало потреба од тоа.
За сите осомничени од судот ќе биде побарана мерка за обезбедување на нивно присуство во постапката, како и привремено замрзување на имот.
Според СЈО, осомничените со цел да набават опрема во име на УБК, во 2010 година оствариле состанок со претставници на фирма од Велика Британија и договориле набавка на опрема и обука за нејзино користење за потребите на Петтата управа.
Но, наместо набавката да се изврши директно со фирмата од Британија, првите двајца осомничени договориле опремата во име на МВР да ја набави приватната фирма ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, каде од 2009 до 2011 управител било лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот. Основач на „Финзи“ е запишано правното лице Финзи ДОО од САД, а сопственикот во Македонија се уште е непознат.






