Откако по направените безбендосни проценки, МВР го укина обезбедувањето за екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, без телохранители од неодамна е и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, со што е укинато и последното лично обезбедување на функционери од поранешната влада.

По поднесувањето на оставката во мај 2015 година, за обезбедувањето на Мијалков се грижеа шест телохранители, а на располагање имаше и два автомобила.

По завршувањето на мандатот на Тодоров му беше доделено обезбедување од МВР, и тоа непосредно откако дедото на малата Тамара, Љупчо Стојановски, пукаше во него. Екс министерот во придружба на телохранителите дoаѓаше и на судските рочишта на кои му се судеше на Стојановски.

Поранешните функционери оваа привилегија ја добија во 2016 година кога беше направена измена на „Уредбата за личности и објекти што се обезбедуваат“. Со измената, екс функционерите наместо да имаат обезбедување „најмногу до една година“ по завршување на функцијата, добија можност да имаат телохранители на државна сметка „додека трае опасноста“ по нивните животи.

Поранешната министерка Гордана Јакулоска, пак, имала обезбедување до 2016 година, бидејќи проценките на МВР биле дека повеќе нема ризик по нејзината безбедност.