Предлогот за уставни измени кои произлегуваат од договорот со Грција за промената на уставното име на Република Македонија, по дводневна расправа на собраниската Комисија за уставни прашања во понеделник ќе биде расправан во Собранието за кога е закажана пленарна седница.

Собраниската Комисија за уставни прашања вчера со десет гласа „за“ и седум „против“ донесе заклучок со кој го поддржа владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот во врска со Договорот за името со Грција и Собранието да пристапи кон гласање на уставните измени. „За“ гласаа пратениците од парламентарното мнозинство, а против беа пратениците од Колицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Претставниците на Владата бараат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во понеделник да гласаат за уставните измени, коишто, пак, најавија дека нема да ги поддржат.

За да бидат усвоени уставните измени потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Собранието наложи Владата во рок од 15 дена да го изготви и утврди нацрт-текстот на уставните амандмани. Доколку уставните измени не поминат во понеделник, односно не се постигне двотретинското мнозинство, најавите се дека ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори.

Славески: ВМРО ДПМНЕ се подготвува за вонредни парламентарни избори

Синоќа заседаваше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. По завршувањето на седницата изјава даде  Тони Михајловски кој рече дека ставот за уставните измени останува ист.

„За уставните измени има став, пратеничката група е целосно на една страна. За сега нема пазарања, притисоците остануваат. Разговараме за предвремените избори, за можни понатамошни проекции“- вели Михајловски.

И Трајко Славевски, исто така член на ИК најави дека партијата се подготвува за избори. Уставните измени се апсолвирани и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласаат, додаде Славески. Според Славески партијата се подготвува за  вонредни парламентарни избори и за термините за нивното одржување: 25 ноември, 2 декември, 9 декември  или на пролет.

„ Првото прашање е подготовка на партиската инфраструктура, кое е почнато. Второто е подготовка на иновативната програма со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на вонредните парламентарни избори макар тие да се одржат за месец и пол од овој момент. Ние сме во завршна фаза на подготовката на програмата“ кажа  Славески.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, пред пред почетокот на синоќешната седница на Извршниот комитет на партијата изјави дека најверојатно ќе се дискутира на тема избори.

Прашан околу негово евентуално исклучувања од партијата, тој кажа дека тоа се шпекулации.

„Што би кажал јас народно, од дома не треба никој да ме исклучи“, рече Јанчев и не можеше да коментира дали пратеничката група е компактна во одлуката да не гласа за уставните измени.