Видео снимка направена со мобилен телефон e спротивна на тврдењето на полицаецот Орде Цветановски од Свети Николе, кој во дел од медиумите се прикажува како жртва и тврди дека бил претепан од активисти на СДСM. Снимката до НОВА ТВ ја достави сведок на инцидентот кој се случи во неделата по соопштувањето на резултатите од гласањето на локалните избори.

НОВА ТВ доби потврда од полициски извори дека снимката е веродостојна и дека лицето во црвена маица кој тепа неколку луѓе е полицаецот Цветановски од Свети Николе, за кој е отворена истрага.

Според верзијата на Цветановски вечерта, откако била објавена победата на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Свети Николе, стотина активисти на СДСМ дошле пред неговата зграда прославувајќи ја победата, со цел да го испровоцираат, бидејќи тој не ја поддржувал нивната политичка опција. Тој тврди дека откако излегол  обидувајќи се да ја смири ситуацијата, толпата го извлекла пред зградата, физички го нападнала, додека неговиот малолетен син ги молел да го пуштат. Toj за Телевизија НОВА на Сеад Кочан се пожали дека и претходно добивал закани дека по изборите „ќе го снема“. Во негова одбрана застана и поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој го сподели на Фејсбук неговото „потресно сведоштво“.

Но, според снимката на НОВА ТВ, токму полицаецот е тој кој што тепа неколку лица со боксови и клоци, а сведоците одоколу вознемирени бараат помош за нивните другари. На снимката се гледа како тој силно удира девојка, а потоа се нафрла и на возачот во еден од автомобилите. Тепањето трае неколку минути, но никој нема сила да го спречи. Во делови од снимката каде што се слушаат имиња на тепаните НОВА ТВ го извади тонот, со цел да го заштити нивниот идентитет.

МВР за овој инцидент во понеделникот соопшти дека повеќе лица биле повредени во Свети Николе кога полициски службеник од Свети Николе, кој не бил работно ангажиран, и група граѓани го нарушиле јавниот ред и мир при прославата на победата на кадидат за градоначалник на Свети Николе. Повредените побарале помош во Медицински центар Свети Николе, а полицаецот сам се пријавил во полициската станица во Свети Николе.

За настанот е известено Основното јавно обвинителство Свети Николе и во истрагата е вклучен Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

Во Свети Николе на локалните избори победи кандидатот на СДСМ, Сашо Велковски, кој доби повеќе гласови од неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Тасев.