Околу 180 луѓе во МЗТ Леарница со месеци немаат земено плата, а работодавачот не плаќа придонеси, обвинија на денешниот протест дел од вработените.

Велат дека плата земаат во кеш на рака и тоа селективно и иако досега побарале помош од инспекциите, не наишле на никаква помош.

-Имаме одено пред сите институции на понизок ранг, инспекции. Досега немаат некој конкретен чекор преземено и затоа решивме да се обратиме до претседателот на Собранието и Владата. Институциите да си ја завршат својата работа, тоа се очекува од нив, вели Љупчо Чекаловиќ, вработен во леарницата.

Животот без никакви примања и покрај работа е многу тежок, велат вработените. Се жалат дека државата наместо да им помогне, им испраќа извршители дома.

-Со кое лице државата праќа извршители дома, кога пет месеци плата се нема. Ние  за леб немаме, а не да плаќаме извршители. Значи нас може да не затвори државата. УЈП знае убаво дека осум месеци работи неисправно, здравствено осигурување немаме со месеци. Идеме по институции ко муви без глава, а доаѓаат извршители дома, вели друг вработен.

Од компанијата велат дека се чека на исходот од контролата на УЈП и Финансиска полиција, која ја повикале вработените. Засега од Владата и СОбранието нема никаков став на барањата на овие работници.