Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева изјави дека текстот на договорот за добрососедство со Македонија е финализиран и дека нејзината земја нема намера да води нови преговори.

Таа во интервју за бугарската телевизија БТВ посочи и дека договорот е важна нова страница во односите меѓу двете земји, но по потпишувањето останува да се заврши уште многу работа.
Во врска со барањата на некои македонски опозициски партии да биде признато постоењето македонско малцинство во Бугарија, Захариева посочи дека тие не водат дека преговори со партии, туку со Влада. Според неа, договорот ќе биде потпишан и на македонски и на бугарски јазик на 2 август во Скопје.

Таа истакна дека Владата застанала зад декларацијата од 1999 година, која како што рече е добра база за потпишувањето на овој договор.

-Немаме намера да водиме повеќе никакви преговори, ова е договорот кој Владата на Бугарија ќе го потпише, се надевам дека ќе биде поддржан и од Парламентот. Јазичната клаузула е јасна од 1999 година. Таа не е променета. Договорите во принцип не признаваат ниту јазици, ниту народи, а јазичната клаузула е јасна уште од 1999 година. Потпишуваме договор со Македонија на официјалните јазици, истакна Захариева.