Владата денеска треба да објави сет мерки наменети за економијата, конкретно за странските инвестиции.
Мерките, како што вчера најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, содржат три главни столба и ќе бидат подеднакво наменети за домашните и странските инвестиции.
Главен критериум за добивање помош од државата ќе биде резултатот од работењето, односно ќе бидат помогнати оние компании кои се подготвени да испорачаат раст на приходот во текот на тековната година.
Првиот столб на поддршка ќе биде гринфилд и браунфилд инвестиции, во ТИРЗ или надвор од нив, вториот столб ќе биде наменет за поддршка на извозот, а третиот ќе биде специјализиран за мали и средни претпријатија.
По објавувањето на мерките ќе биде отворена дискусија со стопанските комори, финансиски институции, МАНУ, универзитетите и сите оние кои сметаат дека можат да дадат придонес.

