Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја прекине седница за разрешување на Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, бидејќи во салата нема доволен број присутни пратеници.

-Иронијата во целата дисусија е дека не се присутни ниту 20 пратеници од мнозинството и доколку се гласа за разрешување на Зврлевски, гласањето нема да помине, рече Димовски.

Според него, држењето на пратениците во Собранието во ваква ситуација е противзаконски, противуставно и противделовничко.

Претседателот на Собранието Талат Џафери не се согласи и рече дека точката може да се симне од дневен ред само кога се гласа, а не кога има дискусија и реплики.

Тој објасни дека според Членот 74. од Деловникот седницата започнува во договореното време со пратениците кои се присутни без разлика колкав е нивниот број.

Тој го прочита и Членот 81. од Деловникот во кој се вели дека претседателот на Собранието може да ја прекине седницата доколку нема мнозинство за одлучување, а потоа ги потсети пратениците од опозицијата дека моментално не е во тек процес на гласање или одлучување па нема потреба седницата да биде прекината.

-Треба прво да се исцрпи листата на пратениците пријавени за збор, па потоа да се прејде на гласање, рече Џафери.

Во моментов трае пауза од еден час на барање на координаторката на една од десетте пратенички групи на ВМРО ДПМНЕ Даниела Рангелова, како реакција на излагањето на пратеникот до мнозинството Павле Богоевски, кој во делот од обраќањето рече дека сите пратеници од ВМРО ДПМНЕ кои се обвинети, ќе одат во затвор.

– Сфаќам дека не сакате да одите во затвор. Расправата за Зврлевски започна уште на 10 јули и ќе трае додека треба – рече Богоевски кој порача оти со ваквите постапки ВМРО-ДПМНЕ само ги исмева и прави будали по граѓаните и по другите пратеници.

Ова според Рангелова е закана и побара од Богоевски да се извини, а во меѓувреме побара пауза од еден час.

Џафери рече дека и натаму останува на ставот дека за секоја час пауза побаран во текот на седницата, таа ќе се продолжува за исто толку по 18 часот.