Граѓаните на Република Македонија денеска по кој знае кој пат беа сведоци дека пратениците на владеачкото мнозинство на чело со СДСМ уште еднаш ги ставија во преден план партиските и личните интереси наспроти интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев а по одбивањето на парламентарното мнозинство да го стави на дневен ред Предлог-законот за намалување на акцизата по скратена постапка.

„Бројките велат дека само индустријата ја чини ова покачување близу 5.5 милиони евра а транспортот 32 милиони евра. Граѓаните се сериозно измамени, затоа што само со покачување на акцизата околу 20 пати се намалил нивниот животен стандард“, изјави Данев.

Данев  упати апел до  пратениците од владеачкото мнозинство да го поддржат Предлог-законот за намалување на акцизата во редовна постапка.

Од 1 јануари акцизата на дизелот е покачена за 3.5 денари. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата пак, предлага намалување на акцизата на 3 денари, односно враќање на акацизата за дизел горивото во првобитна состојба како пред 1 јануари 2018 година.

Европската комисија во последниот извештај на напредокот на Македонија ја повика Владата да направи промени во даночната политика, посебно во делот на акцизите.

Со одлука на Регулаторната комисија од вчера цената на бензинот се зголемува за половина, а на дизелот и екстра лесното масло за еден денар. Така сега, дизелот се продава по 60 денари за литар.