ВМРО-ДПМНЕ е демократска и модерна партија која им дава подеднаква можност на сите нејзини членови да дејствуваат во рамките на статутот на организацијата и да учествуваат активно во креирањето политики. Лага во функција на туѓ интерес е дека статутот на ВМРО-ДПМНЕ е недемократски.

Ова е одговорот од Центарот за комуникации од ВМРО-ДПМНЕ откако неколку млади сили денеска на прес-конференција иницираа промени во партијата, формирајќи Републички штаб за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

Млади бараат реформи во ВМРО-ДПМНЕ: Уништен е угледот на партијата

– Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е истиот според кој самопрогласените реформатори биле бирани во минатото на позиции во комисии и општински штабови во партијата, а некои од нив истите ги извршуваат до ден денес. Причините за незадоволството на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски. Затоа, повикот за „реформи“ не дојде ни после победите во 2006, 2008, 2011 или 2014 година, туку токму сега кога дел од нив се соочуваат со веројатна промена од работните позиции на кои се наоѓаат и прекин на месечниот паушал кој го примаат, поради промената на власта во Македонија, се вели во реакцијата испратена од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата со која раководи Никола Груевски, тврди дека иницијаторите измислуваат т.н. демократски повод за да создадат раздор во партијата и да одработуваат за туѓи интереси.

– Колку е апсурдно барањето за реформи, говори и фактот што неколкумината незадоволни потврдуваат дека политиките на актуелното раководство доведоа до тоа партијата 11 години по ред да ја добива поддршката од народот на избори и како што и самите велат, во моментов да биде најмоќната партија. Тоа што им пречи на неколкумината незадоволни е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ следејќи ги принципиелните политики и волјата на гласачите се одлучи да не влегува во непринципиелни коалиции за формирање на Влада во кои би се правеле договори на штета на иднината на Република Македонија, стои понатаму во реакцијата.

Во реакцијата уште се вели дека “реформаторите“ немаат ниту кредибилитет, ниту капацитет.