Според ВМРО-ДПМНЕ, преговарачката на СДСМ, Радмила Шеќеринска манипулирала, и во преговорите инсистирала во име на партијата во МТВ тие да предложат свое кадровско решение.

Оваа реакција на владејачката партија стигнува по денешната прес-конференција на Радмила Шеќеринска која ги повика сите професионалци од областа на медиумите сами да се пријават за членови на ад-хок телото кое треба да го мониторира балансираното известување за време на изборите, како и за уредник на МРТВ.

– СДСМ и аболицираниот криминалец Зоран Заев може да глумат загриженост за независноста на медиумите, но тие се единствената партија која бараше санкции за искажано мислење и став на новинарите и која инсистираше уредникот на информативната редакција на МТВ да биде нивно кадровско решение, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека  никакви консултации со невладините организации под контрола на СДСМ/Сорос немало да ја сменат реалноста.

– СДСМ/Сорос немаат никакви аргументи зошто треба да биде сменет актуелниот уредник и зошто треба да биде предложено некое партиско решение, освен потребата на аболицираниот криминалец Заев да се обиде да инсталира послушници и во медиумите кои не му се под контрола. Граѓаните веќе ги прочитаа сите лаги и манипулации на Заев и СДСМ. На граѓаните на Република Македонија им е доста од играриите на СДСМ и одржувањето на состојбата на криза во земјата, поради неспособноста преку програма, идеи и проекти да ја добијат довербата од народот, стои понатаму во реакцијата.